Со полицаец кој го држеше под рака, Бојан Јовановски – Боки 13 пристигна во судницата во Кривичниот суд каде се одржува првото рочиште за „Рекет“. Тој едвај се движеше, а пред да биде донесен во судот бил на преглед кај затворскиот лекар и во судот беше донесен со 45 мин доцнење.
Пред судот е паркирано и возило за итна помош, а случајот го следат бројни новинарски екипи, претставници на американската амбасада, ОБСЕ, Коалицијата сите за правично судење и Зелена лупа. И професорот по уставно право Светомир Шкариќ го следи првото рочиште за случајот „Рекет“.
Ексшефицата на СЈО Катица Јанева во судот пристигна со нејзиниот син Лазар, во чиј дом го издржува домашниот притвор. Таа расположено разговараше со адвокатите, додека третообвинетиот Зоран Милески Кичеец ги избегнуваше новинарските екипи, спуштајќи го погледот надолу.
Сите адвокати при влезот во судницата и пружија рака и се поздравија со шефицата на обвинителството за организиран криминал Вилма Русковска.
Случајот го води судијката Васка Николовска Масевска. Русковска ќе го прочита обвинението за кое се товарат Јовановски, Јанева и Милески, а потоа тројцата треба да се произнесат дали чувствуваат вина или ги отфрлаат тезите во обвинението.
Според обвинението, од ноември 2018 година до април 2019 година обвинетиот Бојан Јовановски, познат како Боки 13, го искористил пријателството со шефицата на СЈО, Катица Јанева, и ѝ влијаел да го ослободи од притвор осомничениот бизнисмен, Орце Камчев, во предметот „Империја“.
Јанева му ја олеснила положбата во истрагата на Камчев, па предложила да му се укине притворот и да му се определи поблага мерка, куќен притвор, при неизменети околности.