Ниту наркотестови за пратениците, ниту комисиска расправа за мандатот на Никола Груевски не се одржа денеска во Собранието. Безбедносните реформи се чини ги одложија сите активности кои јавноста очекуваше да се случат во законодавниот дом, поврзани со скандалот со пратеникот Павле Богоевски.
Богоевски кој е член на комисијата за безбедност не сакаше пред медиумите да одговори на прашањата поврзани со случајот со дрогата, ниту за се уште незакажаната седница на комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, со која тој претседава.
Богоевски денеска јавно говореше единствено за амандамните на предлог-законот за Агенцијата за национална безбедност која се формира наместо УБК. Дел од амандманите кои тој заедно со пратеничката Фросина Ременски ги предложија, беа поврзани со можноста тајните агенти, односно, за ангажирањето на лицата со прикриен идентитет во иднина да одлучува Судот, наместо директорот на Агенцијата како што сега стои во предлог- законот. Сметаат дека на тој начин ќе се спречат можни злоупотреби директорите неовластено да создаваат параполициски движења на државна сметка, а како пример ги посочија настаните од 27 април и сведочењето на Александар Васиелевски- Нинџа, кој на судењето се претстави како таен агент ангажиран од УБК.
Министерот Оливер Спасовски го одби овој амандман како и повеќето од пратениците од власта и опозицијата. Вкупно се поднесени околу 90 амандмани од кои зависи одржувањето на комисијата за мандатни прашања. Неофицијално Богоевски ќе чека да завршат со дискусијата за потоа да ја закаже другата комисија, која најверојатно би се одржала во среда. Се очекува Богоевски да ја води комисијата, но не се исклучува можноста на негово место да седне заменик-претседателката Снежана Калевска Ванчева.
Г.Н.Р