Градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев, за „А1он“ тврди дека досега не добил никаква кривична пријава од Бојан Јовановски, како што беше потенцирано на денешното рочиште за „Рекет“. Јовановски во исказот спомена дека осудениот Зоран Милески-Кичеец барал од него да влијае кај Богоев за да издаде маркица за изградба на висококатница, но, градоначалникот на Карпош не кажува дали било побарано тој да постапи противзаконски, ниту пак, детали за тоа на која парцела се барало да се гради.
„Одговорно тврдиме дека во Карпош не е издадено одобрение за градба на висококатницата, ниту пак на терен има активности за нејзина изградба. За деталите во врска со висококатницата, градоначалникот Богоев информираше во својот исказ пред Основното јавно обвинителство. Локалната самоуправа и градоначалникот Богоев, уште на почетокот на случајот „Рекет“, ги повикаа сите институции кои ги гонат сторителите на кривични дела да ги утврдат сите факти и докази“, велат од Општина Карпош, говорејќи во име на градоначалникот Стефан Богоев.
Богоев е дециден дека немал директна средба ниту било каков друг контакт со осудениот Зоран Милески–Кичеец. Тој вели дека дал изјава во Обвинителството која помогнала во истрагата за „Рекет“.
„Во интерес на истрагата, не можат да бидат соопштени повеќе детали“, додаваат оттаму.
Во текот на рочиштето, Јовановски кажа дека повеќе не се пријатели со Богоев, иако претходно, постојано објавуваа заеднички пријатели. Тој додаде дека Милески-Кичеец барал да влијае кај Богоев за да се изгради висококатница во Карпош, а за возврат добил ветување дека ќе има студио за „1ТВ“ и шопинг-центар.