Локалната самоуправа на Виница ќе биде носител на четиридневните културни и спортски содржини со кои ќе се одбележи 74-годишнината од ослободувањето на градот.
Настаните ќе се одржат на неконвенционални локации со специфичен амбиент, со намера тие да заживеат и да им се даде нова димензија и значење, беше истакнато на прес-конференцијата што ја организираше градоначалникот на Виница, Ивица Димитров со своите соработници.
– Програмата за одбележување на 31 Август – денот на ослобдувањето на Виница, ќе ја започнеме еден ден порано на Виничкото Кале со концертот на Драган Даутовски дуо. Како увертира на настанот ќе биде прикажан документарен филм во комбинација со изложба на музејот „Теракота“, а по повод 40-годишнината од откривањето на теракотните икони. Наши специјални гости ќе бидат долгогодишните истражувачи на Калето, археолозите Коста Балабанов и Цоне Крстевски, рече Димитров.
Токму за денот на ослободувањето ќе биде промовиран научно-истражувачки труд на роднокрајниот автор Гоце Георгиев, во уметничката галерија „Венеција“ ќе биде отворена самостојна изложба на академскиот сликар Миливој Симеонов, за најмладите е планирана детска театарска претстава, а во вечерните часови во Градскиот парк ќе се одржи музичко-мултимедијален настан „Реанимација“ на кој покрај изложбата на уметнички плакати ќе настапат поголем број рок-групи од Македонија.
– Првиот ден од новата учебна година ќе го исполниме и со спортски, музички рекреативни настани, при што ќе ја промовираме рекреативната велосипедска патека од Виница до Калиманско Поле, а потоа ќе продолжиме со детскиот турнир во мал фудбал „Винеам“. Во вечерните часови ќе организираме забава на плоштадот „Ангел Винички“ со групите „Игуана“ и „Нокаут“ и познати диџеи, додаде претседателот на општинскиот Совет, Тони Велков.
Настаните со кои ќе се одбележи денот на ослободувањето на Виница се организираат за првпат по неколку децении, а за покривање на трошоците се обезбедени финансиски средства од општинскиот буџет, како и поддршка од локалните претпријатија.