Активисти на граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“ продолжија со блокадите на патиштата, но за разлика од вчера, денеска ги блокираа двете раскрсници на излез од Валандово.
Незадоволни поради непостапувањето на општинскиот Совет по нивното барање за распишување референдум на кој граѓаните ќе се изјаснуваат за или против работењето на рудникот „Казандол“ и други рудници на територијата на општина Валандово, денеска од 13 часот ги блокираа раскрсниците кон Скопје и Гевгелија и онаа на излезот од Валандово кон Струмица и Дојран, односно македонско-грчката граница.
Според активистите раскрсниците ќе бидат блокирани до 15 часот по што се очекува нормализирање на сообраќајот на споменативе патни правци. Блокадите, како што е најавено, ќе продолжат и утре доколку Советот на општина Валандово не свика седница за разгледување на барањето на активистите.