Битолското обвинителство поднесе жалба за одлуката на Судот, со која се предвидува двајца од осумте осомничени во истрагата за злоупотреби со јавните набавки во РЕК „Битола“ да одат во куќен притвор. Од Обвинителството од Битола бараат мерка ефективен притвор, а како причина за тоа се наведуваат ризици од бегство на осомничените.
Станува збор за еден од раководителите на Рудници во РЕК „Битола“ и за Борче Марковски, сопственикот на фирмата „Марковски компани“, која претходно ги добивала тендерите во Комбинатот и која како правен субјект се сомничи во случајот.
Како што синоќа информираа од ОЈО Битола, надлежниот јавен обвинител не се согласи со одлуката на Судот, имајќи ги предвид ризиците од бегство на осомничените, бидејќи едниот од осомничените имаат значителен имот во друга држава. Од тие причини Обвинителството вложи жалба на одлуката на Судот и бара мерка ефективен притвор.
На ваквата одлука на битолскиот суд реагирааше ВМРО-ДПМНЕ, од каде сметаат дека ваквиот потег е срамен, потенцирајќи дека нема да дозволат, како што велат, судството на СДСМ и ДУИ да ги ослободува криминалците.
– Срамна одлука на судот, газдата на Марковски компани со стотици милиони местени тендери во РЕК наместо во затворски притвор, доби куќен притвор. Газдата на Марковски компани е фатен инфлагранти како испумпува пари од РЕК со документи и докази е заштитен од судот на СДС и ДУИ. Газдата на Марковски компани мора да каже каде завршија милиони евра од тендерите, дали крајна дестинација биле фирми на Заеви во Бугарија и Дубаи, дали со тие пари е финансирана СДС и дали со тие пари се купувани други бизниси на Заеви?, изјави Валентин Манасиевски од ВМРО ДПМНЕ.
Јавното обвинителство вчера донесе Наредба за спроведување истражна постапка против осум физички и едно правно лице за продолжени кривични дела поврзани со јавни набавки во РЕК Битола.
Петмина службени лица во РЕК Битола, меѓу кои тогашниот директор на Комбинатот и четворица раководители и директори во ПЕ Рудници во РЕК Битола, се сомничат дека во текот на 2023 година како соизвршители сториле продолжено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ така што не ја извршиле својата службена положба и овластување со намера на друг да му прибават корист, а да го оштетат комбинатот, односно спротивно на основниот рударски проект и на потребите на рудникот „Живојно“ организирале и реализирале јавна набавка за дислокација на погонски станици од рудникот „Осломеј“ во ПЕ Рудници – РЕК Битола.
Правното лице, сопственикот/управител и уште едно лице вработено во правното лице ДТПУ Марковски Компани се сомничат дека иако биле свесни дека работите не се извршени, доставувале фактури врз основа на кои од РЕК Битола незаконски наплатиле 106.200.000 денари со вклучен ДДВ, со што сториле продолжено кривично дело „злоупотреба на постапката за јавен повик и јавно-приватно партнерство“.
Со предистражните дејствија кои, како што информираа од Обвинителството, по наредба на јавниот обвинител ги преземала Управата за финансиска полиција во изминатите неколку месеци, се обезбедени докази кои даваат основано сомнение дека петмина осомничени – службени лица во РЕК Битола, односно тогашниот директор на комбинатот и четворица раководители и директори во ПЕ Рудници во РЕК Битола, во текот на 2023 година како соизвршители сториле продолжено кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување според член 353 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.