„Предлог буџетот на Владата за 2013 година е неразвоен, суштински ништо нема да промени и не нуди решенија за излез од кризата. Во истиот повторно е предвидено многу пари да се трошат за реклами и споменици, што би се рекло за комоција на власта, наместо за капитални инвестиции и изградба на инфраструктура.
– Со пратеничката Весна Бендевска, поднесовме 30 амандмани во собранието со кои се предвидува пренамена на пари од буџетот за изградба на капитални објекти и инфраструктура во општината Битола.
Во оваа прилика ќе споменам дел од амандманите.
1. Изградба на пречистителна станица на петтиот канал на Црна Река
Петтиот канал е отворен и поминува низ голем дел од Пелагонија и по своето течение ја загадува околината. Затоа на овој канал е потребна пречистителна станица со која ќе се спречи загадувањето.
2. Изработка на нов ГУП
Во повеќе наврати во општина Битола се укажува на потребата за донесување на нов ГУП на градот или превење на измени и дополнувања на постојниот, за да можи по него да се донесуваат новите детални урбанистички плански документациии. Оваа година поминуваат 14 години од неговото донесување и истиот мора да биде изменат и дополнет или да биде изработен нов ГУП.
3. Реконструкција на Скијачкиот центар „Пелистер“ со нова жичара и обновување на патот Трново-,,Хотел Молика“ со санација на сите свлечишта, мостови пропусти и опремување на патот со сигнализација за зимски услови.
Изминатите неколку години на Пелистер немавме зимски туризам заради несериозниот однос на власта. Со овој амандман сакаме да предложиме да се доосмисли овој простор со одржлив развој во овој дел од националниот Парк.
4. Санација на градскиот стадион под Тумбе Кафе и изградба на нова трибина и атлетска патека.
5. На стадионот под Тумбе Кафе неопходна му е итна санација и реконструкција со минимум безбедносни влезови, нови столчиња на постојните трибини, реконструкција на теренот како и просториите кои ги користат играчите.
– За овие и останати амандмани ги повикуваме нашите колеги пратеници од ВМРО ДПМНЕ истите да ги поддржат и заедно да се избориме за подобар живот на битолчани и развој на општината која ја претставуваме“, изјави кандидатот за градоначалник на Општина Битола, Менде Диневски.