БГНЕС: Орбанизираната груевизација на Балканот и во Централна Европа

Од:

Бегстовто и криењето на поранешниот македонски премиер Никола Груевски во Унгарија не е изненадување за познавачите на врските меѓу режимот на Груевски и Виктор Орбан, пишува бугарски БГНЕС во анализата за врските меѓу двајцата политичари.

– Само неколку месеци пред соборувањето од власт на Груевски сите медиуми контролирани од него прејдоа во рацете на Унгарката Агнеш Адамик. За неколку седмици најголемите портали „Курир“, „Лидер“, „Економски“, „Вистина“, „Нетпрес“ и „Република“ ги презеде „Адинамик Медија“ на Агнеш, а од Трговскиот регистар во Скопје станува јасно дека таа е нивен стопроцентен сопственик од оваа пролет. Дотогашниот сопственик на „Курир“, „Лидер“, „Економски“ и „Вистина“ – “ЕМ-Медија“ ја префрлил групацијата на Агнеш. Од Централниот регистар се потврдува, вели бугарската агенција и дека сите портали се водат на една иста адреса – ул.„Мирче Оровчанец“ во македонскиот главен град. „Адинамик Медија“ прво во текот на месец април ја купува „Република“ зад која стоеше познатиот руски олигарх Самсоненко. Самата Адамик одбива да даде каков било коментар за таа зделка, наведува БГНЕС.

Во македонскиот медиумски бизнис, се посочува, влезе и друг Унгарец – Петар Шац, кој заедно со Адамик од минатата година ја има контролата над телевизијата Алфа преку компанијата „Таргет Медија“. Интересен е фактот, се наведува во текстот, дека Шац и Адамик се поранешни службеници на унгарската државна новинска агенција МТВА, која работи за режимот на Виктор Орбан. Тие се назначени во Агенцијата веднаш по доаѓањето на Орбан на власт и многу брзо напредуваат во управувачката структура.

Шац учествува во неколку медиумски компании во Будимпешта. Меѓу нив е и „Рипост Медија“ која го издава најтиражниот таблоид и добива по над два милиони евра секоја година од државни огласи и реклами. Веднаш по купувањето на телевизијата Алфа во Скопје се појави порталот ripostmk.com без информации и податоци за сопственоста, посочува БГНЕС.

На почетокот на месец мај оваа година станало јасно дека „Адинамик Медија“ придобила и друг портал близок до Груевски „Нетпрес“. Овој портал, се наведува во текстот, беше сопственост на компанијата „Финзи“ на Коста Крпач, кој при доста сомнителни околности беше најден убиен во 2016 година. Според официјалните информации тој извршил самоубиство. Крпач, потсетува авторот на текстот, беше меѓу распрашуваните од СЈО на Катица Јанева за предметот „Трезор“ за набавката на техниката за прислушување од Израел за МВР.

– Сите горепосочени медиуми жестоко ја штитат личноста и политичката дејност на Груевски. Тие даваат простор на лица кои се против Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија и Договорот од Преспа, против уставните измени, вклучително и на лица кои се противат на евратлантската интеграција на Република Македонија. Имено, во тие медиуми се појавуваат публикации против Бугарија коишто потсетуваат на времето од Поранешна Југославија. Во тие портали често има и „потсетувања“ за „величината“ на југословенскиот диктатор Јосип Броз Тито, се посочува во анализата.

Пред неколку месеци Балканската истражувачка репортерска мрежа БИРН откри дека сите зделки за купувањето на медиумите поминале преку Адвокатското друштво „Чукиќ и Марков“. Истото друштво, како што се посочува, извршува крупни зделки за време на владеењето на Груевски. Нивни клиенти се Стопанска банка, Македонски телеком, ЕВН, Компанијата за обезбедување СГС, офшор компанијата од Лугано „Ексико“, и националната лотарија. Преку нив поминала и купопродажбата на парцелите на Плоштадот во центарот на Скопје помеѓу државата и грчкиот бизнисмен Кондоминас, кој потоа многу бргу ги префрла на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко.

Виктор Орбан, како што се наведува во анализата, е единствениот странски политичар кој дојде лично во Македонија за да се сретне со Груевски откако тој минатата година остана без пасош.

– Орбан слета со неговиот приватен авион во Охрид и со Груевски разговараа неколку часа во предвечерието на локалните избори коишто ВМРО ги загуби катастрофално. Според различни објави тогаш Орбан му ветил прибежиште и заштита на Груевски, стои во текстот.

Властите во Будимпешта, се посочува, беа активни во Скопје и за време на големата бегалска криза во текот на 2015-2016 година. Тогаш Унгарија и подари на земјата техника и бодликава жица за границата со Грција.

Самиот Орбан во лични разговори со различни политичари го нарекува Груевски „нашето момче“. Орбан, исто така одржува многу пријателски односи и со претседателите на Србија и на Црна Гора, Александар Вучиќ и Мило Ѓукановиќ, се наведува во анализата на БГНЕС.

Би можело да ве интересира

На Груевски му застарува затворската казна во случајот „Тенк“ за набавката на мерцедесот

Катерина Ѓуровски

Груевски: Македонија станува протекторат, народот прави црни листи на избори, а не други држави

Врховниот суд пресече за „Плацеви на Водно“ – за Груевски останува казната од Апелација

Османи: Груевски треба да биде во Македонија и тука да се соочи со правдата

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Стојаноска за средби Заев-Мицкоски: Не можам ниту да потврдам ниту да демантирам

Александар Тодески

Џафери: Добив материјал со измените на Кривичниот законик, но не од Груевски

A1on