За влез на плажа не е потребно да се приложи сертификат за примена вакцина, ниту пак, потврда за прележан коронавирус во последните 45 дена. Дел од лицата кои стопанисуваат со плажите во туристичките центри, се збунети. Изминатата недела, не дозволуваа влез без еден од овие два документи, а од Владата велат дека за плажите важат старите протоколи. Во нив стои дека треба да има дистанца помеѓу лежалките кои треба да се дезинфицираат, гостите да носат маски се до влегување во езерата, да се ограничи и бројот на посетители.
„Владата на последната седница не донесе нови мерки/протокол по истите. Потсетуваме дека работата и условите на плажите е регулирана уште од претходното лето за време на вонредната состојба“, велат од Владата за „А1он“.
Но, доколку на плажата има угостителски објект, тогаш важат новите мерки кои ги донесе Владата. Тоа значи дека влез може да им се овозможи само на лицата кои имаат сертификат за вакцина или потврда за прележан ковид во изминатите 45 дена.
„Владата донесе одлука дека за влез во угостителски објекти, кафулиња и барови, без разлика на капацитетот и бројот на присутни посетители/гости/лица, како и за настан од секаков вид, задолжително е поседување, приложување и проверка на еден од следните документи: сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS-CoV-2, односно примена најмалку прва доза вакцина против заразната болест КОВИД-19 или сертификат/потврда за прележан КОВИД-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, за лица над 18-годишна возраст. Оваа мерка важи за сите угостителски објекти, кафулиња и барови кои работат на отворено, додека работата и условите на плажите е регулирано со посебен протокол“, додаваат од Владата.
Плажи за одмор и капење за лицата кои немаат примено вакцина ќе останат оние кои се државни, а со нив не стопанисува. На тие плажи годинава, како и минатата, беше преполно уште пред да се донесат мерките за заштита од коронавирусот.