Министерот за одбрана Фатмир Бесими за настанот во Слупчане кога тој и офицери на АРМ се поклонија на споменикот на УЧК не одговори директно дали имало координација со Претседателот и врховен командант на вооружените сили на Република Македонија и со премиерот Груевски. Бесими само се повика на Уставот.
„Институцијата Претседател на Република Македонија го дава своето „за“ со самиот потпис на Охридскиот договор, што е составен дел од Уставот на Република Македонија“, рече тој.
Прашан дали ќе поднесе оставка зашто ВМРО – ДПМНЕ како коалициски партнер и Владата се оградија од неговите активности во Слупчане, Бесими уште еднаш се повика на вредностите од Рамковниот договор и Уставот, а со тоа, потенцира тој, не треба да има никаков страв од каков било аспект затоа што најсигурен гарант за иднината на Република Македонија е граѓаните да се почитуваат меѓу себе.
Според Бесими, не постои никаква тензија затоа што, појасни, тоа што треба да успее во Република Македонија, ќе успее, повторно повикувајќи се на духот на Охридскиот договор, како пат до членството на РМ во НАТО и во ЕУ, во интерес и со поддршка на граѓаните.
„Пред вас сум како министер за одбрана на сите граѓани на Република Македонија било да се Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми…Убеден сум дека најголем дел од граѓаните сакаат во Република Македонија ги поддржуваат насоките за градење заеднички живот и меѓусебно почитување како најсигурен гарант за иднината на државата“, рече министерот за одбрана Фатмир Бесими.