Од Движењето БЕСА на Билал Касами денеска на прес-конференција изјави дека живот во Македонија имало само за власта и се што е контролирано од нив.
– Денес добивме една скандалозна одлука од Апелациониот Суд Скопје, која нема никаква правна содржина, која докажува дека судството се уште се контролира од власта и одлуките се носат со наметнувањата од владејачките партии. Фактот дека Апелациониот Суд примил фалсификувани докази, кои не се претставени во првoстепена постапка и ги примил документите со печат кој Движењето Беса го има прогласено за неважечки, докажува дека овој процес сега се трансформира во чисто политички процес. Јавно ги прашуваме судиите на Апелациониот Суд, што ги поттикна да донесат таква скандалозна одлука на денот кога се гласаше Владата? Дали учеството во Владата на одредени лица влијаело на нивната одлука, која може да се нарече сè, но не правна и законска одлука, рекоа од БЕСА.
Тие исто така упатија и прашање до премиерот Зоран Заев, дали сите политичари треба да бидат послушни и сервилни кон власта за Апелациониот суд да суди во нивна полза.
– Бидејќи ние сме убедени дека сме на вистинскиот пат и покрај легитимноста на структурите и правниот аспект е чист како кристал во наша полза, ја потсетуваме власта дека ако се случи преседан Судот да избрише партиски претседател само затоа што неовластено лице направил такво барање, тогаш ќе ги охрабриме сите да одат во судовите и да побараат да бидат регистрирани како претседател на СДСМ, бидејќи една таква практика се воведува од власта предводена од СДСМ, велат од БЕСА.
Тие додаваат дека единствено лице овластено од судот е претседателот Билал Касами и најавија дека започнуваат судски постапки за лица кои биле потпишани во име на Движењето БЕСА и го фалисфикувале партискиот печат.
– Ние знаеме дека за време на овој процес ќе се соочиме со секакви притисоци, но имајќи ја поддршка на членовите и симпатизерите на Движењето Беса овој пат ќе го продолжиме до крајот и покрај тешкотиите што нè очекуваат. Исто така ве информираме дека сме во постојан контакт и со целиот меѓународен фактор за оваа неправда што и се прави на Движењето Беса и преку тоа докажуваме дека Македонија се уште е далеку од целта да биде правна и праведна држава, што ќе го оддалечи од интеграцијата во Европската Унија каде што правниот систем е еден од клучните столбови, велат од БЕСА.