Беса Адеми: Правна држава со функционален систем и правда достапна за сите

Од:

Како долгогодишна судијка со професионална кариера градена низ судските скалила, свесна сум со предизвиците со кои ќе се соочам, но правната држава мора да има целосен и функционален систем, а тоа е еден од моите приоритети како претседател на Врховниот суд, каде ќе се гарантира правдата да биде достапна за сите граѓани и во државата да владее правото и правдата, како и почитување на слободите и правата на граѓанинот, изјави судијката Беса Адеми, која денеска пред Судскиот совет даде свечена заклетва како претседателка на Врховниот суд на Република Северна Македонија.

– Се обврзувам пред јавноста заедно со моите колеги од Врховниот суд, како и со останатите судови за кои Врховниот суд има надлежност, да ја вратиме довербата на граѓаните во судскиот систем. Заеме дека тоа е сложен долготраен процес, но ние сите сплотени заедно ќе работиме за да го забрзаме тој процес и да го унапредиме, изјави судијката Адеми.

Таа пред членовите на Судскиот совет даде свечена изјава со која, како што потенцира, се обврза дека функцијата претседател на Врховниот суд на РС Македонија ќе ја извршува совесно, чесно и одговорно и со тоа гарантира со нејзиниот личен и профеисонален интегритет.

– Како претседател на Врховниот суд на РС Македонија според статус и функција, прв судија меѓу еднаквите, во согласност со надлежностите предвидени во Уставот, Законот за судови, судскиот Деловник, како и Деловникот за работа на Врховниот суд, максимално ќе бидам посветена во извршувањето на претседателската функција имајќи предвид и фактот за незавидната состојба на нашето судство, рече претседателката на Врховниот суд Адеми.

Судскиот совет на 12 февруари годинава со 12 гласа „за“ и еден против ја избра Беса Адеми за претседателка на Врховниот суд на Република Северна Македонија.

Во конкуренција за прв човек на Врховниот суд беа и судиите Џемали Саити и Лидија Неделкова, која неколку дена подоцна беше разрешена од судијската функција.

Беса Адеми е родена на 23.1.1964 година во Скопје. Живее во Скопје. По националност е албанка. Дипломирала на Правниот факултет во Скопје во 1990 година. Правосуден испит положила во Скопје на 8.4.1993 година.

Адеми на 15.12.1990 година започнала да работи како приправник-волонтер во тогашниот Окружен суд Скопје, а од 8.2.1994 година била стручен соработник во истиот суд. Во периодот од 9.12.1999 година до 14.6.2004 година работела како заменик јавен правобранител на РМ во Јавното правобранителство на РМ. На 15.6.2004 година е избрана за судија во Апелацискиот суд Скопје каде постапува по предмети во граѓанскиот оддел. На 7.7.2009 година е избранa за судија на Врховниот суд на Република Македонија.

Би можело да ве интересира

Амбасадорот Рокас на претседателката Адеми ѝ го предаде Извештајот на ЕУ: Активностите на Врховниот суд се позитивно оценети

Катерина Ѓуровски

Коалицијата „Сите за правично судење“ реагира на назначувањата во Академијата за судии и јавни обвинители

Панова: Успешно ли е кога довербата во правосудството е минорни два отсто?

Општите седници на Врховниот суд ќе бидат јавни

Адеми: Недозволиво е да се носат законски измени кои се поврзани со судството без да се чуе мислењето на судиите

Левица: Одговорност за бегството на Рамадани Владата да бара во сопствените редови