Белчева – Андреевска: За планот „Мал ринг“ не треба да се расправа среде лето, при избори и пандемија, барам да се повлече

Од:

Ескпретседателката на Советот на Општина Центар, Јана Белчева – Андреевска, бара од градоначалникот Саша Богдановиќ да го повлече планот „Мал ринг“  кој е ставен на јавна расправа следната недела. Таа вели дека за овој план треба посебно внимание и разработка што не може да се постигне среде лето, кога сите очи се вперени кон изборите и новата влада и при здравствена криза. Белчева бара за планот да се расправа во септември.

„Овој ДУП е особено значаен за градот бидејќи со него се дефинира срцето на градот. Закажаната јавна анкета во време на пандемија, среде лето, но и во политички сензитивен момент кога сите очи се вперени во резултатите од изборите не покажува исчекор од начинот на носење на планови за Центар во време на озаконување на ’Скопје 2014’. А ’Скопје 2014’ како најпогубен, но и најкриминален проект не би смееле да го озакониме и потврдиме со нов план за Мал ринг“, предупредува Белчева – Андреевска.

Таа наведува дека во „Мал ринг“ Општината наследила објекти и земјиште кои се нелегално продадени, предмет на процеси и обвиненија од СЈО, а за дел и денес се водат постапки во судови, Обвинителства, истражувачки лаборатории и студии.

Шпанските скали на Плоштад не се избришани оти договорот за продажба на државното земјиште е се уште на сила, вели градоначалникот Богдановиќ

„Поразително е што со предложениот план ставен на јавна расправа тие законски спорни моменти се потврдени. Ќе ги набројам само кусо објектите за кои се отворени постапки и дискусии, но се уште се дел од планот. Тоа се : Шпански скали, Мајка Тереза меморијалниот објект, катната гаража во зеленилото зад Собрание и Дом на АРМ, сите споменици од Скопје 2014, објектите во коритото на Вардар, па дури  и онаа спорна ќебапчилница пред хотел ’Холидеј Ин’. Која е причината да се брза со план за кој има толку многу отворени прашања и постапки? Ова е план за зелена престолнина со изгубено зеленило, а без решение за озеленување. План е за стимулирање и привлекување на возила кон центарот на градот нудејќи им паркинг под плоштадот (на две нивоа), зад АРМ, зад Министерството за правда, зад Палома бјанка… со што ќе трпи протокот на јавниот превоз во и кон Центарот. Може ли ова да е решение за загадувањето кое го трпиме во центарот?“, наведува Белчева – Андреевска во барањето за повлекување на планот испратено до Општина Центар.

Таа тврди дека во планот нема измени од реалната состојба на терен и потсетува на поплавите со подрумот на МНТ, Архивот и други објекти за кои решение се уште не е најдено , а мерките за заштита и спасување се повторно наведени само со цитирање на законите.

„Со предложениот план ’Мал ринг’ се покажува дека локалните власти, ниту надлежните институции не ги разбираат, следат, ниту предлагаат решенија за одржливи, зелени и отпорни градови и градови по мерка на човекот. Ова е план без визија и без показатели за тоа како сакаме да изгледа Скопје како иден и нов европски главен град. Планот не претставува исчекор и планирање во центарот со нови вредности и потреби, тој покажува немоќ за справување со предизвиците. Уште еднаш повикувам да се повлече предложениот ДУП и да се врати на доработка и разгледување од септември 2020“, смета Белчева – Андреевска.

Галиите ги има и во новиот план, Центар чека Град Скопје да ги раскине договорите за да ги избрише од планот

Градоначалникот Богдановиќ, пак, вели дека планот е ставен на јавна расправа среде лето оти комисијата сега завршила со работа, а на планот се работело повеќе од една година. Тој смета дека секоја споредба со претходната власт, која исто така среде лето ги закажуваше јавните расправи, е неумесна.

„Најлошо е некој да не спореди со претходната власт. Па тие ги ставаа плановите на јавна анкета која траеше пет дена, а јавната анкета за овој план ние ја оставаме отворена еден месец. Анкетата можеше да трае десет или петнаесет дена, но ние одлучивме да трае триесет дена. Освен тоа планот е достапен дигитално, секој може да го отвори, да го разгледа и со пополнување анкетен лист да даде забелешка или предлог. Планот секако ќе се доработува“, вели градоначалникот Богдановиќ за „А1он“.

Градоначалникот Богдановиќ смета дека анкетата не треба да се одложи на барање на само еден од 23 советници

За барањето на Белчева Андреевска дознал од социјалните мрежи, се уште не стигнало до него. Најави дека ќе го разгледаат и ќе одговорат, но генерално смета дека анкетата не треба да се одложи на барање на само еден од 23 советници.

Во предложениот план „Мал ринг“ Богдановиќ вели дека стојат спомениците од „Скопје 2014“ кои се веќе изградени, но избришани се неизградените, исто како и непоставените галии во Вардар. Кога градоначалникот на Скопје ќе ги урне спомениците и ќе ги раскине договорите за галиите градоначалникот Богдановиќ вели дека ќе ги избрише од планот, но сега тоа според него е правно неизводливо. Во предложениот план стојат и Шпанските скали од истата причина, договорот за продажба на земјиштето е се уште на сила и не е раскинат.

Би можело да ве интересира

Герасимовски: Ја украсивме општина Центар, граѓаните имаат потреба од позитивна атмосфера

Орце Костов

Општина Центар со препорака до угостителските и јавните објекти во следните два дена да ја прилагодат музиката

Казни од 13.000 евра за Интермецо и за Мош за прегласна музика

Катерина Ѓуровски

Целосно се забранува градење надвор од Генералниот Урбанистички план на Водно

Општина Центар: Град Скопје да го реши хаосот со сметот

Герасимовски: Зачестените контроли на градилиштата продолжуваат – инвеститорите да градат според одобренијата