На 139 преведувачи кои го положиле испитот за проверка на знаењето за 19 јазици, денеска во Министерството за правда им беа врачени решенија за поставување во судовите во Република Македонија.
– Од септември 2008 година досега успешно беа спроведени 13 сесии за проверка на знаењето, при што испитот го положија вкупно 1.589 судски преведувачи за 24 странски јазици и јазиците на заедниците кои не се мнозинство во Македонија, рече министерот за правда Блерим Беџети на доделувањето на решенијата на постојаните судски преведувачи.
Во контекст на тоа, додаде дека преведувачите се за англиски, албански, арапски, босански, бугарски, германски, грчки, италијански, кинески, полски, португалски, руски, романски, словенечки, српски, турски, украински, француски, холандски, хрватски, црногорски, чешки, шведски и шпански јазик.
Преведувачите, како што рече Беџети, се распоредени во 27 основни суда во Републикава. – На овој начин Република Македонија ја подобрува состојбата на исполнување на критериумите на Европската унија во спроведувањето на повеќејазичноста и јавната употреба на јазиците, како утврдена практика на Унијата, истакна министерот за правда.
Реформите во судството на планот на обезбедување на правото на судски преведувач со извршените измени во законите и подзаконските акти, како што посочи, придонесоа да се добијат соодветно обучени и искусни преведувачи кои ќе ја извршуваат својата работа на најпрофесионален и одговорен начин.
Проверката на знаењето на јазиците беше спроведена од професори од високообразовните институции во Република Македонија, од судски преведувачи и други институции.
Министерството за правда постапката за поставување судски преведувачи ја спроведува согласно Законот за судовите и Судскиот деловник, на начин и под еднакви услови за поставување, проверка на знаењето и разрешување на постојаните судски преведувачи.