Министерот за правда Блерим Беџети денеска и утре ќе учествува на Конференција за регионална соработка за спречување на корупцијата на земјите на Југоисточна Европа, што се одржува во Загреб, Хрватска.
На конференцијата, која е во организација на Секретаријатот на Регионалната Антикорупциска иницијатива (РАИ) и Министерството за правда на Хрватска, ќе се разговара за главните достигнувања на РАИ и ќе бидат идентификувани главните предизвици со кои се соочува иницијативата.
Форумот, како што информираат од Министерстото за правда, ќе биде можност земјите членки и партнери да ги споделат своите ставови во врска со придобивките и идните очекувања на соработката со РАИ.
Главниот дел на настанот ќе биде посветен на потпишувањето на Протоколот за измена на Меморандумот за разбирање во врска со РАИ кој е првично потпишан од страна на РАИ земјите-членки во Загреб во април 2007 година.
Со потпишувањето на Протоколот за измена на Меморандумот за разбирање, дополнително ќе биде осигурана соработката со земјите потписнички за спречување на корупцијата, како и на финансиската одржливост на РАИ Секретаријатот.