Во 2013 година има вкупно 87 предмети за лица кои се бараат во странски држави по потерници од Република Македонија. За 75 од нив направени се барања за екстрадиција и се пратени до странски држави, а за 12 сеуште се комплетира документацијата, но роковите се запазуваат и по комплетирањето ќе бидат поднесени барања за екстрадиција, изјави во денешното интервју за МИА министерот за правда Блерим Беџети.
– За Миле Хаџиски доставено е барање за екстрадиција до Република Франција, но официјален одговор ниту од Министерството за правда на Франција, ниту од амбасадата на Република Македонија во Париз, ниту од Министерството за внатрешни работи не е добиен. Доколку екстрадицијата биде дозволена со правосилна одлука, Министерството за правда веднаш ќе го организира спроводот, како што се прави со секоја екстрадиција, рече Беџети.
За Алил Демири и Африм Исмаиловиќ , како што истакна, побарана е екстрадиција од Република Косово со писмо од 15-ти мај годинава. – Комплетна документација и за двајцата е доставена до Министерството за правда на Република Косово, но одговор од Косовските власти по ова барање до овој момент нема, додаде Беџети.
Во интервјуто министерот за правда најави дека новата зграда на Кривичниот суд ќе биде пуштена во употреба во текот на ноември годинава.
Во врска со измените и дополнувањата на Законот за кривична постапка, Беџети рече дека тие ќе бидат само во насока на отстранување на лоцираните слабости и недоречености во Законот, како и решенија за кои од обуките се утврдило дека ќе претставуваат проблем во праксата.
– Ова значи, дека предложените решенија нема да го менуваат концептот на Законот, ниту ќе се предлагаат нови дополнителни решенија. Работната група, и по изолационата сесија продолжува со работата во Министерството за правда, за што се очекува набргу финализирање на предлогот, додаде министерот во интерјуто за МИА.