Долгогодишната активистка и експертка во полето на културното наследство, Донка Барџиева Трајковска, која ја извршува и функцијата претседателка на Центар за културно наследство, на својот фејсбук профил ја искоментира кандидатурата на независната кандидатка за градоначалничка на Скопје, Ана Петровска, од страна на „Зелен, хуман град“.
„Јас мислев дека кандидатот за градоначалник на Скопје ќе биде од независните, но не било така. Извинете „Зелен, хуман град”, но уште на почетокот направивте голема грешка. Вашиот кандидат до пред две недели извршуваше висока функција како кадар на ДОМ. Од денес е независен кандидат? Штета за граѓаните кои поверуваа во независноста на кандидатите и дека имаат избор! Штета…“, вели Барџиева Трајковска.
Таа ја спори независноста на Ана Петровска, затоа што беше долгогодишен член на партијата ДОМ, претседател на партиската комисија за урбанизам од 2011, па преку ДОМ стана државен секретар во МЖСПП, а партијата ја напушти откако доби решение за нејзино разрешување пред две недели како владин службеник, односно директорка на Инспекторатот за животна средина.