Новиот градоначалник на Охрид Никола Бакрачески и советниците од новиот состав на Советот на општината од редовите на ВМРО-ДПМНЕ денеска остварија средба со министерот за странски инвестиции Бил Павлески.
– Целта на средбата е од самиот почеток на новиот мандат да отпочне директна соработка во сегментот за економски развој на Охрид. На состанокот разменивме идеи за тоа кои би биле секторите каде би се насочил развојот, а што би значело отворање нови бизниси и со тоа и нови работни места, рече Павлески.
Тој истакна дека градот Охрид има многу можности во приватниот сектор, а на средбата била изразена согласност дека вработувањата треба да се насочат кон приватниот сектор, кој според искуствата на развиените економии нуди најголем потенцијал и развојни можности.
Павлески истакна дека секоја општина е заинтересирана за привлекување инвестиции, така што конкуренцијата произлегува од способноста на самите локални самоуправи да понудат нешто што би ги издвоило од конкурентите. Смета дека Охрид има потенцијал и кадар што ќе создаде таква економска атмосфера што заедно со атрактивноста на градот ќе придонесе за зголемен интерес за инвестирање токму во Охрид.
Павлески истакна дека следната седмица е предвидено потенцијални инвеститори да ја посетат Македонија, притоа најавувајќи дека ќе донесе дел од нив во Охрид, за да се запознаат со можностите за инвестирање и развој на нивните бизниси во општината.
– Се надевам дека економскиот реазвој на Охрид во иднината ќе биде мошне позначаен отколку што беше случајот досега, додаде Павлески.
Градоначалникот Бакрачески во оваа прилика повтори дека програмата со која неговата опција настапи и победи на изборите не е направена само за политички маркетинг, туку е програма што ги одразува потребите на граѓаните на Охрид.
– Согласно најавите дека нема да има ден што нема да биде посветен на Охрид, односно на реазлизирање на програмските задачи ние нема да губиме време околу завршувањето на административните процедури за примопредавање на мандатот, туку секој ден ќе го искористиме за ветените програмски задачи, рече Бакрачески.
Економскиот развој на општината, додаде, треба да се бара преку поддршка на малите и средните претпријатија, односно по пат на формирање јавни приватни партнерства, за што во Охрид постојат реални можности.
– Максимално ќе сме посветени кон реализирање на заложбите за отварање нови работни места. Предуслов за привлекување инвестиции и отворање нови бизниси е формирањето локален економски совет, совет на градски татковци, што ќе биде составен од администрацијата од областа на економијата, претставници на работодавците и експертската јавност. Преку нивна постојана комуникација со надлежните институции и во соработка со нив ќе се работи на стратешката цел – економскиот развој на општината, истакна Бакрачески.