Во април, минатата година, преку општинската интернет страна, градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески и неговата администрација ги известија граѓаните дека конечно паркинг – просторот и улиците во центарот на градот се слободни за движење, откако ги тргнале поставените рампи кои го спречуваа нормалното функционирање на сообраќајот. Охриѓани деновиве се зачудени од поставувањето на нови рампи на дел од паркинг – просторот односно на просторот позади Центарот за култура „Григор Прличев“. Бакрачески, воден од борбата против рампите, тогаш најавуваше дека просторот за паркирање во центарот на градот ќе биде слободен за движење.
Деновиве, на влезот од паркингот позади Центарот за култура во Охрид повторно е поставена рампа, слична на оние кои постоеја пред само една година.Од Локалната самоуправа велат дека дел од паркингот зад Хотел Ривиера бил во приватна сопственост дека била поставена рампа само на просторот каде што ЈП „Билјанини Извори“ го имале изнајмено просторот од приватните сопственици.
Дел од паркингот зад Хотел Ривиера е во приватна сопственост, поточно се работи за земјиште кое со процес на денационализација е вратено на физички лица. Сопствениците имаат склучено договор за изнајмување на неговата сопственост ( која е дефакто дел од паркингот и е уредена како паркинг од пред повеќе децении ) на ЈП Билјанини Извори. Претпријатието мораше да го изнајми просторот за да формира целосен паркинг без да се оградува внатре просторот. Со оглед на тоа дека се работи за паркинг кој е од повеќе сопственици и дека се работи договор кој опфаќа интереси на повеќе договорни страни, поставена е рампа на влезот од паркингот, но само на делот кој е опфатен со договорот, поточно на просторот каде се преплетува приватната сопственост. Потенцираме дека не се работи за рампа поставена на улица туку се работи за рампа поставена пред приватен имот од повеќе сопственици кои согласно законот можат доколку сакаат да подигнат и ограда на својот личен имот. Вакви рампи пред приватен имот има и на паркингот кај зградата кај католичката црква и на паркингот до зградата кај економското училиште, додека физичка препрека со синџир има пред зграда каде е сместен СДСМ во Охрид. Потенцираме дека улицата е слободна и останатите паркинзи се слободни и без рампи, согласно одлуката на Советот на општината. Власта во Охрид рампите од улиците по кои се одвива сообраќај ги испрати во историјата и тоа доследно се спроведува до денес – велат од Општина Охрид.
Рампата е поставена на влезот од паркинг – простор.
Пред само една година, Бакрачески тврдеше дека еднаш засекогаш рампите биле тргнати од центарот на Охрид и дека паркинг – просторите и улиците биле слободни за движење. Паркинг – просторите кои ги споменуваат од Локалната самоуправа дека имале рампи и препреки со синџир се паркинг простор за жителите кои живеат во тие згради и тука не се наплаќа паркинг додека рампата позади Центарот за култура не ја поставија приватните сопственици туку ја постави ЈП „Билјанини Извори“ и на тој простор наплаќа за паркирање на возилата.
Инаку, паркинг – просторите во Охрид се осетлива тема. ВМРО – ДПМНЕ до пред една година, додека беше опозициона партија во Охрид, секојдневно негодуваше за издавањето на паркинг – просторот под концесија на приватен сопственик и категорично се спротивставуваше на рампите во центарот на градот. После само една година власт на Бакрачески и ВМРО – ДПМНЕ, за инсталација на систем за наплата на паркингот преку јавно – приватно партнерство ќе бараат приватен сопственик кој би го инсталирал тој систем, а за возврат приватникот би земал дел од наплатата. Исто така, после само една година, истиот Бакрачески и истата партија вратија дел од рампите на паркинзите. Очигледно дека цврстите ставови кои ги имаа во опозиција, денес како да омекнаа.
Ф.Ј.