Бакрачески отвори селски пат, охриѓани бараат автопатско поврзување

Од:

Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески вчера заедно со директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на руралниот развој Тони Димоски го пуштија во употреба новиот пат од селото Вапила до селото Сирула. Патот целосно е изграден со средства од Агенцијата.

На Општина Охрид и беа доделени 23 милиони и 500 илјади денари од кои 18 милиони и 207 илјади денари беа искористени за изградба и реконструкција на овој пат. Се реконструираа 1 707 метри од постоечкиот пат кој беше доста оштетен и уште 2 394 метри изградба на сосема нов пат. Со реализацијата на проектот создадовме услови за иден развој на селата , Вапила и Сирула особено на второто населено место до кое немаше пристапен пат. Остатокот од доделените финансиски средства беше наменет за изградба на 8-те пристапни патишта во село Косел – истакна Бакрачески.

Жителите на селото Вапила се изреволтирани затоа што Локалната самоуправа како да ги заборавила нив. Имено, во селото Сирула има само неколку жители со постојано место на живеење додека пак во Вапила има многу повеќе. И наместо Општина Охрид да има да го изгради најпрво патот од селото Косел до селото Вапила, кој е во катастрофална состојба, а е дел од поврзувањето на неколку села, од Локалната се решиле прво да го градат патот до Сирула.

Кога се гради куќа, најпрво се почнува од темелите па се завршува на кровот. Истото ни се случи и нас. Не го изградија патот од Косел до Вапила, а средствата ги вложија во патот со селото Сирула кое има само неколку луѓе кои постојано живеат во селото – велат жителите на Вапила.

Од опозиционите партии исто така обвинуваат дека Локалната самоуправа нема приоритети, но и дека Општина Охрид не учествувала со финансиски средства а патот го прикажува како нејзино дело.

Јас не сум против градење патишта, какви и да се. Напротив, секогаш подржувам изградба на патна инфраструктура. Патиштата ги поврзуваат луѓето и овозможуваат подобра комуникација и побрз економски развој. И не е важно дали се финансирани со сопствени (буџетски) средства или од странски фондови. Тоа е добро за народот и тоа ќе остане за народот. Единствено, што ми пречи, е немањето чувство за приоритети, злоупотребата на вакви проекти во партиски пропагандни цели, неоправдано и популистичко припишување на заслугите за ваквите проекти кај субјектите што не се надлежни или што не се инвеститори – вели Томислав Тунтев, претседател на општинската СДСМ.

И во ВМРО – Народна партија сметаат дека Општина Охрид треба да има приоритети и порационално да ги искористува средствата.

Средствата кои се вложија за изградба на патот до селото Сирула, требаше да се вложат за патот до Вапила. Тој пат е далеку пофрекфентен и поврзува неколку села. Доколку останеа средства, дури потоа можеа да се искористат за изградба на веќе изградениот пат – истакна Ванчо Костоски, претседател на огранокот на ВМРО – НП во Охрид.

Но, она што најмногу ги мачи охриѓани е автопатското поврзување на градот. И од страната од Кичево, и од страната од Битола патот е во многу лоша состојба што пак најмногу влијае врз развојот на туризмот, гранка од која многу семејства се издржуваат во текот на целата година. Пред почетокот на изборната кампања, свечено во употреба започна наводната изградба на автопатот од Кичево до Охрид, но се уште не се почнати никакви градежни активности. Истото е и со патот од Битола до Охрид. За него нема ни најава дека ќе почне со некаква градба. Овие автопати беа вметнати во програмата на ВМРО – ДПМНЕ уште за изборите во 2006 година, но и после осум години власт, охриѓани ја имаат само желбата за автопатско поврзување.

Ф.Ј.

Би можело да ве интересира

Обид за убиство во Охрид: Скопјанец со нож сакал да убие познаник

Уапсен маж осомничен дека предизвикал пожар, кај него е пронајдена запалка тврди полицијата

Охридскиот регион остана под заштита на УНЕСКО, ќе се ангажира фирма која ќе ги урне дивоградбите во Охрид, рече Мицкоски

Љутков: Извештајот на УНЕСКО за Охрид се однесува токму на периодот на владеење на СДСМ и ДУИ

СДСМ: Охрид е на чекор од губење на статусот на заштитено светско наследство

УНЕСКО бара Охридскиот регион да биде поместен на Листата светски природни и културни реткости во опасност