Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески е новиот „министер за надворешни работи“, вака на шега коментираат охриѓани низ охридската чаршија. Тие саркастично коментираат дека колку што прошетал минатиот градоначалник Петрески за осум години, толку Бакрачески патувал за осум месеци. Сето ова доаѓа како последица на пречестите патувања и отсуство на градоначалникот Бакрачески надвор од земјава.
Од Одделението за односи со јавност не сакаа да одговорат или не можеа да избројат на колку службени патувања бил Бакрачески од преземањето на градоначалничката функција до денес.
Честопати, Бакрачески е надвор од Македонија во посета на конгреси за кардиолози иако градоначалникот по закон професионално ја врши својата функција и за време на вршење на градоначалничката функција не смее да врши друга професионална дејност.
Но, што е бенефитот за Охрид од честите патувања на Бакрачески, кои се придобивките и што Охрид виде од тие таканаречени промоции на градот. Годинава Охрид се соочи со најслабата туристичка сезона, секогаш странците, како што милува да каже Бакрачески, „го скенираат“ Охрид, но никако да се решат да инвестираат во градот. Индијци, Катарци, Кинези и разни други делегации наводно се интересираат да инвестираат и одржуваат средби со Бакрачески, но никој остварил ниту една.
Отсуството на Бакрачески им пречи на граѓаните затоа што тие го избрале да ги решава нивните проблеми да не да е на службени патувања. Кога тој е отсутен, често во јавноста излегува секретарот Димитар Спасески иако тоа не е пример во ниту една друга општина. Секретарот е задолжен за администрацијата на општината, а не за улици, осветлување, канализации.
Ф.Ј.