По повод Денот на Жената, 8 март, направивме кратко интервју со претседателката на Форумот на Жени на Либерално-демократската партија (ЛДП), Билјана Аврамоска Ѓореска. Аврамоска Ѓореска долги години работи во Министерството за одбрана, од 2019-та до 2024-та ја водеше државната Агенцијата за пошти, а беше и кандидатка за градоначалник за Општина Аеродром на локалните избори одржани во 2021-та година.
А1он: Кои се за Вас клучните достигнувања направени во борбата за родова еднаквост во последната деценија? Со какви сѐ предизвици се соочуваат жените денеска, не само тука, туку и насекаде во светот?
Аврамоска Ѓореска: Доколку говориме на светско ниво, постигнат е глобален напредок во родовата еднаквост. Многу земји направија големи чекори за намалување на родовиот јаз, особено во образованието и здравството. На пример, пристапот на жените до образование е зголемен во многу земји во развој, што придонесува за повисоки стапки на писменост кај жените. Сѐ повеќе девојчиња посетуваат училиште, а родовата еднаквост во образованието сѐ повеќе добива приоритет од меѓународните организации, како УНЕСКО. Исто така значајно е да се истакне дека во текот на изминатата деценија забележан е видлив пораст на жените на лидерски позиции во политиката, бизнисот и другите сектори. На пример, бројот на жени избрани во националните парламенти и на владини позиции е зголемен, иако пред нас има уште многу работа. Оваа промена секако влијае на политиките и пристапите кон родовата еднаквост и ја покажува важноста на женското лидерство во одлучувањето. Ако направиме осврт на национално ниво, иако жените сочинуваат нешто над половина од вкупното население во земјата, застапеноста на избраните и именуваните позиции е далеку зад овој процент. Северна Македонија има постигнато напредок со воспоставувањето на квотите како систем за заштита и овозможување на застапеност што е сепак одраз на позитивна дискриминација. Од друга страна, во моментот кога ќе ги отстраниме квотите како правна обврска и останува на политичките партии да номинираат кандидатки, мислам дека учеството на жените драматично ќе падне. Како либерал-демократка и лично по убедување се залагам многу повеќе за квалитетот настроти квантитетот и за квотите како привремено решение до постигнување на целосна родова еднаквост.
Во таа насока, Либерално демократската партија уште минатата година поднесе Предлог-закон за изменување на Изборниот законик, со кој се предлага во поднесената листа на кандидати за пратеници и за членови на советите на општините и градот Скопје да се применува принципот на паритет со еднаква застапеност на жени и мажи во сооднос 50:50 и загарантирана квота на кандидати за избор на градоначалници од помалку застапениот пол од најмалку 30% жени.
Водени од основните демократски принципи на рамноправност, инклузивност и транспарентност, апелираме до сите политички партии да ги поддржат измените во насока на подобрување на статусот и улогата на жените во политиката и промовирање на родовата рамноправност.
А1он: Велат дека не е лесно да се биде жена во „машка професија“, како политиката. Особено во земји во развој, како што е Северна Македонија. Што мислите, која е формулата за постигнување на еднаквост? Кои начини жените ги имаат на располагање за да се изборат за рамноправност?
Аврамоска Ѓореска: Според мене, никогаш не треба да се потценува потенцијалот на жените. Жените се движечка сила за промени. Нo, треба да се земе предвид родовиот јаз во балансирањето на професионалниот и приватниот живот, каде грижата и обврските околу семејството најчесто паѓаат на товар на жените.
Зајакнувањето на жените е клучно кога стоиме заедно и се поддржуваме една со друга. Женската солидарност е особено важна за зајакнување на жените и нивното учество во било каква форма на активизам. Без разлика дали тоа е во нашата кариера, нашиот личен живот или во нашиот активизам, треба да ги поместуваме границите и да не дозволиме некој да ни кажува дека нешто е надвор од нашите можности и способности. Да најдеме начин, да ја подигнеме свеста и никогаш повеќе да не дозволиме некој да не замолчи.
Подобрувањето на учеството на жените во политиката во Северна Македонија бара комбинација од законски промени, културолошки промени и воведување на проактивни системи за поддршка кои го поттикнуваат политичкиот ангажман и лидерство на жените. Со зајакнување на позицијата на жените, обезбедување на алатки и ресурси што им се потребни и создавање поинклузивна средина, Северна Македонија може да направи значителни чекори кон уште поголема родова еднаквост во политиката.
Затоа сметам дека е неопходно да продолжиме со заложбите за родова еднаквост, не само за себе, туку и за идните генерации на жени. Постигнавме многу, но предизвиците продолжуваат. Треба сите заедно да продолжиме да се залагаме за политики кои ја интегрираат родовата перспектива затоа што одовата еднаквост не е привилегија, туку основно право.
А1он: Политиката е еден од начините како побрзо да се стигне до еднаквост. Пред нас се локалните избори. Во изминатиот период прочитавме и видовме дека Форумот на жени на ЛДП промовираше неколку иницијативи? Може ли да објасните повеќе околу тоа?
Аврамоска Ѓореска: Особено е важно да се одговори на предизвиците со кои се соочуваат жените и затоа ние како Форум се обидуваме да предложиме решенија, промени или позитивни дејства кои што можат да доведат до напредок.
Поради сѐ позачестените и брутални случаи на семејното насилство кои се случуваат во нашето опкружување, предложивме изменување и дополнување на Законот за спречување и заштита од семејно насилство врз жените и семејно насилство, со кој ќе се доуреди привремената мерка „Забрана за приближување на сторителите до жртвите“, односно ќе се наметне обврска сторителот да носи електронска нараквица, која ќе ја предупредува жртвата дека сторителот се приближува до определеното место, односно е на оддалеченост помало од l00 метри од жртвата.
Исто така, во напредна фаза се и изменувањата и дополнувањата на Законот за семејство, со кои ќе се унапреди статусот на самохрани родители и деца од еднородителски семејства, како појдовна точка за правен третман на овие семејства, општествена грижа и третман на еднородителските семејства и нивно интегрирање кон еднаков пристап до услуги и ресурси.
Остануваме и понатаму посветени на нашата заложба таблетарната терапија да биде дел од позитивната лица на лекови на товар на ФЗО, што ќе претставува значаен чекор во подобрување на репродуктивното здравје на жените.
Предложивме и измени и дополнувања на Законот за работните односи, кои имаат за цел да овозможат непречени, навремени и редовни контроли на бремените жени, без обврска да користат денови од годишен одмор, со што придонесуваме кон поголема грижа за здравјето на трудниците, но и благосостојбата на идните поколенија. Предложената промена на законот вклучува дополнување на деновите на платен одмор по основ на бременост.
А1он: За крај, една кратка, празнична порака до жените кои ќе го прочитаат ова интервју?
Аврамоска Ѓореска: Мојата порака за жените кои се стремат кон лидерски позиции и се борат за поголема застапеност и учество во процесите на одлучување е да негуваат доверба во своите способности, да ги користат можностите за менторство и да се залагаат за себе, истакнувајќи ги своите достигнувања. Покрај ова, исклучително важно е и постојаното усовршување на вештините преку професионален развој, како клучни елементи за постигнување успех во лидерските улоги денеска и во иднина.