Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, на седницата закажана за утре, како петта точка на дневен ред предлага да се усвои предлог-одлука за објавување јавен конкурс за избор на заменик на директорот на ова тело. „Макфакс“ неофицијално дознава дека ваквиот предлог дошол од членот на Советот, Миљаим Фетаи.
Советот на АВМУ во 2014 година донесе одлука за објавување јавен конкурс за избор на директор и заменик на директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, но изборот заврши безуспешно.
Собранието ги именува членовите на Советот на АВМУ на 2 јули 2014 година, а на 7 октомври 2014 година, Советот на АВМУ го избра Зоран Трајчевски, поранешниот претседател на Советот за радиодифузија, за директор на Агенцијата. Агенцијата до денеска немала заменик-директор.
Откако ќе бидат именувани, членовите на Советот избираат од својот состав претседател и заменик-претседател. Секој член на Советот има право да предложи кандидати за овие две функции. За избрани се сметаат кандидатите со добиено мнозинство од гласовите на членовите на Советот. Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги неколку месеци е закочен во Собранието и не е изгласан.
Васко Маглешов