Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ) ја поздравува одлуката на пратениците да не го поддржат Законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри во трето читање на вчерашната седница на Собранието.
Нашите апели да не се поддржи спорниот и неевропски Закон за игрите на среќа конечно беа препознаени и од пратениците.
По Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски, кој не го потпиша указот за прогласување на Законот, како и Делегацијата на Европската Унија во земјава кои предупредија дека се злоупотребува европското знаменце, вчера и пратениците докажаа дека треба да се спротивстават на процедуралните неправилности со кои се туркаше носењето на овој закон.
Како сектор кој се грижи за 10 илјади директно вработени и одржување на уште 54 илјади други работни места сметаме дека треба да бидеме рамноправен партнер во креирањето на иднината и законите што ја регулираат оваа област.
Во таа насока, остануваме и понатаму конструктивни и очекуваме дека со вклучување на АСОМ, Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) и сите други релевантни експерти и пошироката јавност во јавните дебати за потребите од носење на ново законско решение ќе придонесеме за подобро регулирање на оваа важна економска гранка од која зависат голем број на семејства во државата.
Како сериозна организација низ годините докажавме дека имаме капацитет и понудивме многу предлози како да се унапреди целата индустрија по европски терк. Со нашиот стручен тим ќе продолжиме да нудиме решенија коишто ќе се темелат на европски искуства и коишто ќе се грижат и за играчите и за индустријата.
Сакаме да потсетиме дека нашата дејност не поттикнува млади да играат игри на среќа, туку постојано работиме на нивна заштита. Истовремено, како општествено одговорни компании, годишно вложуваме десетици илјади евра за спроведување на кампањи за едукација на играчите, а воедно 100% ги почитуваме актуелните законски норми и правила поврзани со нашата дејност, плаќаме даноци и со тоа постојано ги зголемуваме буџетските приливи.