Асани го згрешил полот на бебето на родилката од Дебар, Веапоска прашува дали тој воопшто бил на операцијата

Од:

Гинекологот Мухамед Асани во изјавата за операцијата го згрешил полот на бебето што со царски рез го родила Јалдз Веапоска, родилката од Дебар, која по породувањето, дома си замина без бубрег, јајчник и матка, а Лекарската комора не најде лекарска грешка во нејзиното лекување. Веапоска денес го добила извештајот од стручниот надзор за нејзиниот случај во кој стои дека имало крвавење од артеријата на левата страна на бубрегот.

„Во извештајот Асани навел дека сум родила жив машки плод. Јас родив женско бебе. Ова ми да дава за право да мислам дека тој воопшто не бил на мојата операција и дека ме оперирал неговиот син, сам. Во извештајот е наведено дека имало крвавење од артерија на левата страна на бубрегот. Од каде се појавило ова крвавење? Јас сама не можев да се повредам“, вели Веапоска.

Таа денес лично отишла да го побара извештајот од Лекарската комора и откако малку почекала, и го дале. Во извештајот не се наведени имињата на лекарите кои го направија стручниот надзор во болницата во Струга и утврдија дека при оперирањето и лекувањето на Веапоска не се направени пропусти. Откако министерот за здравство Венко Филипче и Лекарската комора не сакаа да ги кажат имињата на лекарите кои не најдоа пропусти, Веапоска рече дека ќе ги објави ако ги добие.

„Потпишан е само Илбер Бесими, потпретседателот на Лекарската комора. Ги нема имињата на лекарите кои не најдоа лекарска грешка за тоа што ми се извадени бубрег, јајчник и матка“, рече родилката Веапоска.

Таа вели дека ќе се консултира со адвокатот за следните чекори што ќе ги преземат откако е јасно дека во извештајот на Лекарската комора има очигледно неточни податоци.

Веапоска, лани, на крајот на август, по регуларна бременост, отишла на породување во болницата во Струга од каде се вратила породено, но со извадени матка, јајчник и бубрег без објаснување зошто морало да и се извадат. Случајот го сподели со јавноста во јануари годинава од кога почна институционалната борба да докаже дека и биле извадени здрави органи по грешка на лекарот кој ја оперирал, а се сомнева дека ја оперирал не Мухамед Асани, туку неговиот син.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат, по алармот од Веапоска, во јануари, утврди дека Асани, дома, имал дива амбуланта во која ја прегледувал и неа и му поднесе кривична пријава.

И покрај кривичната пријава и сомневањата за лекарска грешка, Асани се уште е директор на Општата болница Струга, а министерот Филипче најави дека оваа недела ќе го каже конечниот став за овој случај.

Кривична пријава против Асани и уште петмина лекари, кои биле на операцијата, поднесе и родилката Вепоска.

Би можело да ве интересира

Меџити: Информацијата за укинување на организациските директори доставена до Владата

Ана Ололовска

Продолжи судскиот процес за родилката од Дебар, следното рочиште со вештаци од Судска медицина

Ана Ололовска

Манолева: Преговараме за обезбедување дополнителни средства за набавка на нови количини „трикафта“

Ана Ололовска

Манолева: Има подобрување на националниот опфат кај редовните вакцини за деца, но не е достигнат препорачаниот праг за колективен имунитет

Ана Ололовска

Меџити: Интензивно работиме на долготрајно, ефективно и квалитетно решение за проблемот со „Трикафта“

Ана Ололовска

Лекарска комора побара да му се одземе привремено лиценцата на анестезиологот што снимаше

Орце Костов