Заменик министерот за информатичко општество и администрација Марта Арсовска-Томовска учествува на осмиот Светски самит за мобилни содржини, кој се одржува во Абу Даби.
На покана на Светскиот самит за информатичко општество (WSIS), организиран од Обединетите Нации и Меѓународната телекомуникациска унија (ITU), Арсовска Томовска од вчера се придружи на големото жири, што го сочинуваат 50 еминентни членови од сите континенти, со значајно искуство на полето на креативни индустрии, телекомуникација, како и претставници од научно – истражувачката дејност, соопшти денеска Министерството за информатичко општество и администрација МИОА.
Наградата на Светскиот самит (WSA – mobile content) ги селектира и промовира најдобрите мобилни содржини и иновативни апликации на светско ниво. Изборот се базира на експертиза и механизми на меѓусебна соработка помеѓу членовите на жирито. Од 435 номинирани апликации во вкупно осум категории, во првата on line фаза беа избрани 40. Тие ќе ги презентираат своите решенија пред големото жири, кое ќе одбере по еден победник од секоја категорија кои ќе ја понесат престижната награда за WSA – mobile шампион за 2013 година.
Во рамки на самитот, соопшти МИОА, заменик министерката оствари работен ручек со шеикот Нахјан Мубарак Ал Нахјан, министер за високо образование и научни истражувања на Обединетите Арапски Емирати, на кој се разговараше за можностите за билатерална соработка помеѓу двете земји во образованието и истражувањата, но и за активностите на македонската Влада за привлекување странски инвестиции во областа на технологијата, земјоделството и енергетиката.
На маргините на Самитот Арсовска-Томовска, оствари кратка средба и со градоначалникот на Берлин, Клаус Воверајт.
Во тек на престојот таа го посети Центарот за одличност во применети истражувања и обуки (ЦЕРТ), како и технолошкиот парк во негови рамки, при што се сретна со Тајеб Камали, директор на ЦЕРТ и потпретседател на Високите школи за технологија (Higher Colleges of Technology).
При посетата на Централната висока школа за технологија, заменик министерката имаше можност да се запознае со iPad иницијативата, односно иновативниот и комплетно дигитален начин на студирање, при што студентите на овие факултети, воопшто не користат хартија и пенкала.
Во рамки на глобалната конференција, заменик министерката ќе има излагање на сесијата за мобилни иновации, во кое ќе се осврне на улогата на Владата во создавање услови за развивање на пазарот за мобилни апликации во Република Македонија.
На Самитот учествуваат претставници од владиниот, приватниот и граѓанскиот сектор од повеќе од 168 држави, членки на Обединетите Нации.