Арсовска со 3.200 страници докази за дивоградби во Чаир: „Се градат згради за да се перат пари“

Од:

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска денеска изјави дека до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е доставена обемна документација од 3.200 страници, поврзана со сомнителни постапки за легализација и изградба на објекти во општина Чаир.

На брифинг со новинарите, таа детално ја образложи документацијата која содржи докази за фалсификати, вклучително и изјави потпишани од лица кои во моментот на наводната изградба биле малолетни.

-Станува збор за згради кои се градат сега, во моментот додека зборуваме, без никаква документација, без проект, без статика, без платен денар кон градот. Тоа се огромни објекти кои не можат да се скријат, ниту во џеб да се стават, изјави Арсовска, посочувајќи дека станува збор за „очигледна операција на перење пари“.

Арсовска остро реагираше и на обвинувањата за политичка позадина зад случајот, посочувајќи дека слични кривични пријави биле поднесени и во други општини без да се проблематизира нивната политичка димензија.

Во однос на најавата на градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, дека ќе ја тужи, Арсовска одговори дека е подготвена да се соочи со него.

-Ќе ми биде задоволство да го соочам со сите овие докази, било каде и на било која платформа, рече градоначалничката.

Додаде дека во ниту една друга општина во Скопје не е забележан криминал од ваков размер.

-Во сите останати девет општини се платени комуналии, се доставени проектни документации, се плаќани износи преку кои градот прибира средства. Во Чаир нема ништо од тоа, рече Арсовска.

На крајот, таа предупреди дека доколку институциите не постапат, ќе се создаде опасен преседан.

-Ако нема санкционирање, денеска имате 50 згради што се градат. Утре ќе имате уште 50. Таму живеат луѓе, не бројки. И тие луѓе не заслужуваат да живеат во 12-катници без гаранција за нивната безбедност, рече таа.

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција веќе постапува по кривичната пријава на градоначалничката Арсовска за дивоградбите во Чаир. Според информациите, полицијата по наредба на обвинителството и судот веќе одзела документација од Општина Чаир и Министерството за транспорт и врски, а обвинителството прави споредба на податоците со други институции за да утврди евентуални кривични дела.

На новинарски прашања по брифингот на кој го образложи случајот со дивоградбите, градоначалничката Данела Арсовска изјави дека не планира повторно да се кандитира за градоначалник на Град Скопје и даде осврт за нејзината досегашна работа. Таа нагласи дека реализирала над 900 проекти, од кои 250 капитални, и покрај, како што рече „сериозните опструкции од Советот на град Скопје“.

Би можело да ве интересира

Онлајнмедиа со осуда за прес конференцијата на СДСМ: Партијата не смее да дискредитира медиуми

Кумановци што работеа во Ирак и Авганистан повторно на протест пред општинската зграда

Ѓорѓиевски: Воведуваме ред, безбедност и модерен сообраќај – градот Скопје ќе има клучна улога во Сејф Сити системот

Сведоштва за пожарот и последиците во „Пулс“, судењето продолжува на 2 февруари

Какви се казните од „Безбеден град“: Поминување на црвено 250 евра и забрана за управување возило до 12 месеци

Пронајдени соѕидани 350.000 евра во дом на судија од Апелациониот суд во Скопје

Предраг Петровиќ