Градот Скопје ќе биде пример за град каде се промовира социјална правда, ова е една од заложбите на независната кандидатка за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска.
„Градот на хуманоста и градот на солидарноста мора да се грижи за ранливите групи граѓани. Не е лесно да се живее со попреченост и затоа мојата програма нуди брзи и сигурни решенија што ќе овозможат подобро функционирање на градот за сите негови граѓани. Се предвидуваат пристапни рампи и лифтови во сите објекти, инфраструктурно подобрување во сообраќајот, семафори со звучна сигнализација за лицата со попреченост, а новите автобуси ќе имаат соодветни ниски платформи за лесен пристап за лицата со инвалидитет. Накратко, ќе реализираме издржани проекти и системски решенија што ќе овозможат олеснување на животот на оваа категорија граѓани“, истакна Арсовска.
Таа, исто така најави дека при планирањето на новите улици и реконструкцијата на постојните во градот Скопје, ќе се вградат решенија, како и изградба на тактилни патеки за потребите на лицата со оштетен вид.
„Неопходно е лицата со попреченост да бидат вклучени во сите сфери од општеството, а тоа се предвидува во мојата програма. Како градска администрација ќе воведеме заштитна квота за нивно вработување, а спортските игралишта ќе ги направиме инклузивни за децата со попреченост“ – додаде кандидатката за градоначалник.
Арсовска вети и дека нема да заборави на најстарите членови од семејствата и дека на волонтерска основа ќе обезбеди помош за старите лица. Секоја недела ќе се доставуваат намирници од основни производи, нега, набавка на лекови во нивните домови.
Затоа што Скопје мора да биде град каде ќе се почитува секој граѓанин еднакво, кандидатката за градоначалник смета дека е неопходно отворање на центар за жртви од семејно и родово базирано насилство и насилство базирано врз основ на сексуална ориентација.
„Потребни ни се брзи и сигурни решенија, а денешните предложени ќе го олеснат животот на оние на кои треба да им посветиме посебно внимание“ – заклучи за крај таа.