Независната кандидатка за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска, на денешната прес конференција упати честитки за денешниот празник и истакна дека овој ден е гордост и не потсетува дека не треба да престанеме да се бориме за промени, за подобар, транспарентен град, посветен на сите скопјани.
-Дозволете ми најпрво да ви честитам денешниот празник, 11-ти октомври Денот кога започна востанието против фашистичкиот окупатор, за ослободување на Македонија. Овој ден е гордост за нас и не потсетува дека никогаш не треба да престанеме да се бориме за она коешто сметаме дека е вистинското и за она кое веруваме дека треба да го правиме, посочи таа.
Арсовска рече дека целта секогаш треба да биде борба за подобро, за подобар град, за подобри услови во Македонија и испрати порака дека треба заедно да се бориме за сите граѓани.
-На мојата интернет страница веќе се имаат пријавено стотици граѓани коишто сметаа дека треба да бидат дел од ова движење за промени за Скопје и Македонија, кои даваат свои идеи како до подобар град и мислења за тоа како Скопје да биде град со кој ќе се гордееме, ова ми дава дополнителен мотив да се борам повеќе затоа што вие чувствувате голема потреба за промени, а вашиот глас треба да се чуе, рече таа.
Арсовска изрази голема благодарност до сугестиите и идеите кои граѓаните и ги доставуваат секојдневно, а на ист начин Градот Скопје ќе биде отворен со 24 часовна канцеларија која ќе биде во служба на граѓаните, каде ќе можат даваат свои сугестии, а градот ќе има прилика да ги чуе бараните проекти, а ќе се оддели и посебен буџет за остварување на добрите проекти предложени од граѓаните.
-Ќе воведеме повеќе иницијативи, преку веб страната, преку апликациите, но и преку социјалните медиуми каде граѓаните ќе имаат можност за брза и директна комуникација со градот, но и директни средби преку кои ќе можат да ги искажат сите свои мислења, градот мора да биде достапен за сите, а не за лични интереси и политички кариери, но и со добро менаџирање состојбата во градот ќе биде значително подобрена, вели Арсовска.
Таа истакна дека досегашниот градоначалник во десетина населби низ Скопје никогаш не се појавил, а ниту пак некој од градската администрација, а ништо не е ни реализирано, немал слух за потребите на граѓаните.
-Грешка е на овој градоначалник кој ако мисли дека со црна кампања ќе може да си ја покрие личната неспособност и слабите резултати и не само тој туку и секој оној политичар кому политичката кариера му е поважна од работата за која добил доверба од граѓаните, вели Арсовска.
Таа посочи дека на скопјани им е доста од ароганција и неодговорност, а на Скопје конечно му е потребен поинаков концепт и способни луѓе кои ќе го реализираат она коешто ќе го ветат, а ќе ги подобрат оние нешта кои се нефункционални, за подобро и модерно Скопје.