Независната кандидатка за градоначалничка на Скопје, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, најголем процент од гласовите на граѓаните кои излегле на гласање добила во општините Гази Баба, Кисела Вода и Аеродром, а актуелниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, процентуално најголема поддршка добил во Сарај, Чаир и Шуто Оризари.
За Арсовска во Гази Баба гласале 48, 74 отсто од граѓаните излезени на избори, во Кисела Вода за неа се определиле 46,96 отсто од граѓаните, а во Аеродром добила 45,80 отсто од гласовите.
Најмал процент гласови Арсовска добила во Сарај. Таму за неа гласале 18, 76 отсто од гласачите.
За разлика од неа, Шилегов во Сарај процентуално добил најголема поддршка. За него гласале 57,24 отсто од граѓаните излезени на гласање. Ова е најголемиот процент добиени гласови на овие избори за градоначалник на Скопје. Сите останати проценти, и за Шилегов и за Арсовска се помали, односно под 50 отсто.
По Сарај, Шилегов најголем процент гласови освоил во Чаир каде што за него гласале 47,42 отсто од граѓаните излезени на гласање, а во Шуто Оризари за него гласале 42,78 отсто од гласачите.
Најмал процент гласови Шилегов освоил во Кисела Вода, 25,89 отсто.
Вкупниот процент на освоени гласови во сите скопски општини за Арсовска е 37,31 отсто, а за Шилегов 34,25 отсто.
Разликата меѓу Арсовска и Шилегов, откако Државната изборна комисија ги преброи гласовите во сите општини, се искачи на 7.921 глас повеќе за Арсовска. Таа освои 86.147 гласа, а Шилегов 78.226 гласа.
Скопјани во втор круг ќе бираат градоначалник на Скопје меѓу Арсовска и Шилегов. Обајцата вчера ја почнаа кампањата за вториот круг. Арсовска ги повика скопјани да ја поддржат во вториот круг на ист начин како што тоа го направиле во првиот, а Шилегов рече дека очекува победа во вториот круг оти се надева дека на гласање ќе излезат оние кои не излегле во првиот круг.