Арсоски: Ние сме сериозни кон обврските во НАТО

Од:

Одбраната на Македонија во рамките на НАТО е повеќе од кога било потребна, а јавноста мора да знае дека мирот и стабилноста се постигнува и со вложување во одбранбените способности, вели пратеникот во македонското Собрание и поранешен генерал мајор Павле Арсоски.

Арсоски, кој денеска како претседател на Комисијата за одбрана и безбедност, беше домаќин на Асоцијацијата на одбранбени атешеа акредирани во Република Северна Македонија, посочи дека земјава секогаш била сериозна кон обврските од членството во НАТО, вклучително и за насоките од Самитот на Алијансата во Велс од 2014 година за издвојување на најмалку 2 отсто за одбранбениот буџет.

-Ние таа цел ја постигнавме многу кратко од нашето пристапување во НАТО во 2020 година. Веќе во 2023-та, 2024-та година е надминат 2 отсто од БДП. Во НАТО сега се разговара за повеќе проценти, 3 дури и 5, но повеќе е важно како се издвојуваат средствата, на кој начин за системот за одбрана. Но, генерално треба и јавноста да знае дека мирот, стабилноста се постигнува и со вложување во одбранбените способности. Ако сакате мир, подготвувајте се за војна, значи ние сме сериозни кон обврските во НАТО. Нашиот министер за одбрана спомна дека може да работиме и да настојуваме да достигнеме и некој позначаен процент од 3 проценти, но повеќе од тоа верувам дека Македонија во овој момент не е во состојба да издвојува, вели пратеникот Арсоски на новинарско прашање околу новата иницијатива на американски претседател Доналд Трамп сојузниците во НАТО да трошат 5 отсто на годишно ниво од својот БДП.

Хрватскиот воен аташе, бригадир Стјепан Домјанчиќ и доајен на Асоцијацијата на одбранбени аташеа акредирани во Република Северна Македонија на истото прашање посочува дека Хрватска, исто така, континуирано го зголемува издвојувањето за одбраната од БДП уште од НАТО Самитот во Велс од најмалку 2 отсто, но вели, поважно е промена на свеста кај граѓаните дека за одбраната и сигурноста ќе се посветува многу повеќе внимание во иднина.

-Ние го надминавме тоа ниво од 2 отсто од БДП, меѓутоа поважно од самата бројка, е всушност содржината на тоа издвојување, квалитетот и промена на општата свест не кај припадниците на одбранбениот ресор, туку кај граѓаните дека одбраната и сигурноста нешто на што ќе се посветува многу повеќе внимание во иднина, но и секогаш да се внимава тоа да не загрози други сектори од општеството, и можеби би ги загрозило на крај издвојувањата за одбраната, вели военото аташе Домјанчиќ.

Осврнувајќи се на воената соработка и општо одбранбената соработка меѓу Хрватска и земјава, како сојузнички во НАТО, тој оцени дека таа е исклучително развиена и е главно фокусирана на подрачјето на образованието, обуката, експертската соработка, постои добра соработка помеѓу воено-образовните установи – Воената академија во Скопје и Свеучилиште одбране и сигурности, но, смета дека постои простор за далеку поширока соработка во иднина особено, како што вели, во овие предизвикувачки безбедноси времиња.

Во рамки на денешната посета на Асоцијацијата на одбранбени атешеа акредирани во Република Северна Македонија која е на покана од Комисијата за одбрана и безбедност на македонското Собрание, претседателот на Комисијата Арсоски изјави дека темите на разговор ќе бидат поврзани со одбранбената соработка со македонското Министерство за одбрана, а ќе стане збор и за актуелни теми во моментот во НАТО и на просторот на ЕУ, вклучувајќи ги и напорите за примирје во Украина и безбедноста на Европа.

-Во секој случај во делот на отворената дискусија ќе отвориме теми, и ќе видиме како ќе оди, меѓутоа дефинтивно има многу простор за соработка, во делот на одбраната, актуелни се темите, на моменти драматични во овие денови. Така што, одбраната на Македонија во рамките на НАТО е повеќе од кога било потребна, важна и треба да се разговара, вели Арсоски.

Бригадир Домјанчиќ, пак, изрази задоволство што за разлика од досегашните активностите на Асоцијацијата кои биле насочени главно на посети на организациските единици на Министерството и на војската на Северна Македонија, ова е првпат да имаат прилика одбранбениот сектор на земјава да го погледнат од аспект на рамката на одбранбената политика и парламентарниот надзор над буџетирањето.

Во Асоцијацијата на одбранбени аташеа членуваат држави од ЕУ, од НАТО, но и од трети земји, но, подвлекува дека во нивната активност, посетите што ги организираат нема дисонантни тонови, оти безбедносните кризи кои постојат во светот се нешто што е глобално присутно и заедничко на сите.

-Секако дека како членки на НАТО и на ЕУ делиме можеби поинаква перспектива, но стравувањата и надежта за подобар свет е нешто што сите не поврзува и ова е добра прилика да ги сослушаме оние со кои не се согласуваме, вели хрватскиот воен аташе, бригадир Стјепан Домјанчиќ и доајен на Асоцијацијата на одбранбени аташеа акредирани во земјава.

Би можело да ве интересира

Русија: НАТО мора да го повлече ветувањето за Украина од 2008 година

Зеленски: Русија се подготвува за војна со НАТО следната година

Шефот на НАТО: ЕУ и САД треба да го поделат товарот на помошта за Украина

А1он

САД: Мала е можноста Украина да влезе во НАТО или да добие нуклеарно оружје

Горан Наумовски

Зеленски: Ако не можеме да влеземе во НАТО, тогаш дајте ни нуклеарно оружје

Руте: Јасно ви кажувам, мора да се подготвиме за војна