Управата за електронско здравство континуирано функционира и постојано се стреми кон надградба и доусовршување на системот „МојТермин“. Во 2016 година во системот се креирани 9 милиони упатувања за 1.359.000 пациенти. Најголем процент од нив се специјалистички упати 46 отсто, лабораториски упати 28 отсто, радиодијагностички упати 9 отсто, а останатите се распределени низ интерспецијалистички упати, болнички, упати за операција и останати специјални упатувања.
Вкупниот број пациенти кои побарале каква било здравствена услуга во 2016 година на сите нивоа на здравствена заштита изнесува 1.665.000 пациенти или 96 отсто од здравствено осигурените граѓани.
Ова денеска на прес-конференција го истакна директорот на Управата за електронско здравство МојТермин, Милан Аризанкоски, кој презентираше дел од податоците од системот за изминатата година. Тој рече дека изминатата година биле креирани 3.152.000 упати со термин за прв преглед за 954.000 пациенти кои имале закажан термин барем еднаш во таа година. За споредба, посочи, во 2015 година се евидентирани 3.056.000 упати со термин за прв преглед, а 941,400 пациенти имале закажано термин барем еднаш во текот на таа година.
– Вкупен број реализирани термини за прв преглед во 2016 година се 2.638.000 од страна на 887.600 пациенти. Во 2016 година останале 427.800 нереализирани термини или 16 отсто од закажаните термини кон 2.970 доктори или апарати, односно 299.500 пациенти барем еднаш не се појавиле на закажан термин. Пресметано во часови тоа се 107.000 изгубени работни часови, бидејќи истото тоа време можело да се искористи за преглед или снимање на некој пациент кому здравствената услуга му била понеопходна, рече Аризанкоски.
Според него, тоа значи дека некој пациент на кого му била понеопходна услугата, чекал подолго време за сметка на тоа што некој друг пациент не се појавил на закажаниот преглед и претходно не го откажал. Потенцира дека најчесто нереализирани термини се од специјалностите интерна медицина, офталмологија, ортопедија.
Упати апел за посовесно откажување на термините доколку пациентите однапред знаат дека нема да дојдат на прегледот, со што ќе покажат солидарност кон другите пациенти кои имаат потреба од здравствена услуга, како и почит кон оделеното време на докторот.
Како Управа за електронско здравство, нагласи, постојано укажуваме на јавните здравствени установи за зголемување на бројот на термини за преглед или снимање, со цел што е можно поголем број пациенти побрзо да ја добијат потребната здравствена услуга.
– Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија во 2016 година го зголемила бројот на термини за преглед за 118 отсто, односно во 2015 година имало 32.230 термини, а во 2016 година ги зголемиле на 70.350 термини со истиот број доктори. Ова е одличен податок имајќи предвид дека станува збор за Клиника на која се третираат пациенти со малигни заболувања, што значи дека е овозможено овие пациенти побрзо да дојдат на преглед. Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија, ги зголемила своите термини за прв преглед за 72 отсто, односно во 2015 година имало 11.700 термини, а во 2016 година 20.000 термини, рече Аризанкоски.
Меѓу останати здравствени установи кои имаат значително зголемен број на термини за прв преглед ги наброја Градска општа болница „8 Септември“, специјалност Трансфузиона медицина со зголемување на бројот на термини за 306 отсто и Општа Болница – Струга – Интерна медицина – 81 отсто.
Појасни дека просечното зголемување термини, онаму каде што го имало низ јавните здравствени установи, изнесувало 30 отсто односно 491.000 дополнителни термини за прв преглед, а просечното намалување, исто така онаму каде што го имало, се движело во просек од 15 отсто.
Продолжува, истакна Аризанкоски, успешно да се користи и мерката која ја воведовме со Мој Термин, а се однесува на можноста специјалистот сам да го закаже следниот специјалистички преглед кај себе, без пациентот да има потреба да оди кај својот матичен лекар. Посочи дека во 2016 година тоа се случило околу 250.000 пати, а друг податок поврзан со прегледувањето на пациентите е и бројот на извршени контролни прегледи каде се користи истиот упат, кој кај специјалиститие изнесувал 679.222.
Тој рече дека најчести дијагнози за кои најмногу се упатувале пациенти во 2016 година се есенцијална примарна хипертенција (154.000 пациенти), дијабетес мелитус тип 2 (61.000 пациенти) и хиперплазија на простата (58.000 пациенти), а кај креираните рецепти најмногу реализирани се за есенцијална примарна хипертенција, дијабетес мелитус тип 2 и заболувања на липопротеинскиот метаболизам.
– Вкупниот број прегледи кај избран (матичен) лекар е 18.392.000, а на преглед биле 1.638.600 пациенти. Најмногу прегледани пациенти (87.460) од страна на матичен лекар имало на 4 април, а креирани биле 218.000 рецепти за 53.000 пациенти. Најстар пациент кој се уште е корисник на здравствени услуги е 106-годишна пациентка од општина Центар. „МојТермин“ е најголем електронски систем, не само во здравството, туку и општо во рамки на институциите во Република Македонија, систем кој е основа за креирање на здравствените политики, имплементирање нови проекти, мерки…,додаде Аризанкоски.