Арифи: Се надевам на креативно решение од ЕУ прифатливо за сите

Од:

Потпретседателот на македонската Влада Теута Арифи изјави дека очекува од состанокот на Европскиот Совет да произлезе креативно решение, кое би било прифатливо и за Македонија и за Грција.

– Очекувам ЕУ и Европскиот Совет да се држат до принципот за изнаоѓање на креативни решенија кога се работи за нас. Се надевам дека апсолутно ќе се најде начин да се направи заклучок кој ќе биде прифатлив и за нас и за другите членки на Европската Унија. Доколку тоа се случи, јас мислам дека ЕУ апсолутно ќе покаже и сила и партнерство по прашањата на Балканот. Очекувам нешто такво, но како тоа ќе звучи и ќе изгледа. Останува да видиме, изјави Арифи, која е во посета на Вашингтон.

Ова е втора посета на Арифи на Вашингтон од септември, и целта на двете посети, како што вели вицепремиерката, е да се информира за напредокот во процесот на висок дијалог со Брисел, и да се добие американската поддршка за отворање преговорите со Европската Унија. Арифи вчера во Центарот за стратегиски и меѓународни студии учествуваше на дискусија за соработката на Балканот, во рамките на проектот за албанското соседство на ЦСИС, додека денеска се очекува да зборува на трибина во Центарот за транс-атлански односи.

Во рамките на посетата на Вашингтон, предвидено е Арифи да има средби и во американскиот Стејт департмент.

Арифи одговараше на прашања и за изјавата на албанскиот премиер Сали Бериша, како и за коментарите и атмосферата при одбележувањето на 100-годишнината од формирањето на независна Албанија.

– Очекувано е што имаше елементи на емотивност на тој специјален ден. Важно е што на овие прослави во Македонија немаше никакви инциденти, благодарение на тоа што државните институции функционираа како што треба и благодарение на тоа што граѓаните сакаа да слават, а не да провоцираат никого. Што се однесува до говорите, би сакала да го цитирам претседателот на мојата партија Али Ахмети кој, во рамките на една многу еуфорична прослава, зборуваше за македонско-албанската потреба за соработка, како и за македонската поддршка на разните активности на Албанците во минатото. Ахмети говореше за фактот дека мораме да работиме заедно, за заедничка иднина, рече Арифи.

Ова е линија, додаде таа, која ние како Албанци во Македонија, сакаме да ја следиме, и јас сум многу горда како потпретседател на Владата на мојата држава, што во последниот извештај на Европската Комисија беше вратена придавката македонски, бидејќи мислам дека тоа е нешто исправно и заслужено за сите граѓани.

– Мислам дека работата на поддршката на идентитетот на моите сограѓани, особено како луѓе кои и самите работеле многу во својата историја да го зачуваме својот идентитет, е нешто што ни служи на чест. Сега прашањето е како од нашите еуфории да дојдеме до рационални дискусии, за вистинските предизвици за регионот, како што се интеграцијата, економскиот развој, културата и образованието, рече вицепремиерката Арифи, која е во посета на САД.

Би можело да ве интересира

Азизи: Владата вонредно заседаваше, донесена одлука да се позајмат на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата

Град Скопје: Ја поздравуваме одлуката на Владата

Нафта од државните резерви за Градот Скопје за решавање на проблемот со автобусите

Вонредна седница на Владата за проблемот со јавниот превоз во Скопје

Левица: Трошокот за унгарски кредит Владата го префрла врз грбот на гараѓаните

Катерина Ѓуровски

Меџити: Нема логика за предвремени избори кога има стабилна влада