Апелацискиот суд во Скопје ја потврди казната доживотен затвор за скопјанецот Тони Денковски, обвинет за тројното убиство во рибниот ресторан „Биг Фиш“ во Скопје, потврди Звонко Давидовиќ, адвокатот на Денковски за Плусинфо.
Претходно Апелација исто така го разгледуваше случајот, па го врати на ново судење во скопскиот Кривичен суд. Кон крајот на минатиот октомври, отприлика еден месец пред изрекувањето на првостепената пресуда на обновеното судење, малку недостасуваше Тони Денковски да се најде на слобода, бидејќи од денот на поднесување на обвинение против него минаа две години, а пресуда не беше донесена.
Тројното убиство се случи на 2 септември 2010 година. Денковски со калашников во рибниот ресторан „Биг Фиш“ во Аеродром смртно ги застрела велешаните Јордан Јорданов со прекар Р’кулот и Влатко Андреевски, како и полицискиот инспектор Владо Милошев.