Апел за итно продолжување на мандатот на локалната власт

Од:

Министерството за локална самоуправа денеска апелира до парламентарните политички партии и до сите надлежни институции, пред се до Собранието на Македонија, итно да се најде начин за деблокирање на работата на органите на општините и на Градот Скопје преку законско продолжување на мандатите на градоначалниците и на членовите на советите до одржувањето на локалните избори.

– Шест месеци по одржувањето на парламентарните избори во Република Македонија, политичката криза сериозно се заканува со целосна парализа на локалната самоуправа. Од утре градоначалниците и советите на општините и на Градот Скопје се без правно дефиниран статус, а граѓаните се оставени во недоумица дали ќе можат да ги остварат своите права пред органите на единиците на локалната самоуправа, преку постапки кои што веќе ги имаат започнато или пак имаат итна потреба од тоа. Локалната администрација и сите јавни служби на локално ниво се загрижени за своите плати, но и за начинот како во наредниот период ќе продолжат да ги извршуваат своите работни задачи заради непрекинато, континуирано сервисирање на граѓаните, се наведува во апелот потпишан од министерката за локална самоуправа Ширет Елези.

Во 2001 година, како што се наведува во апелот, партиските лидери во Република Македонија застанаа зад една од најсложените реформи во земјата, реформата на локалната самоуправа и со успешно и ефикасно спроведениот процес на децентрализација на власта, Република Македонија се етаблираше како успешна приказна во регионот. Паралелно со другите реформи, како што истакнуваат од Министерството, децентрализацијата на власта беше една од најсилните препораки во обезбедување на кандидатскиот статус, на патот за членство во Европската унија.

– Шеснаесет години потоа, Република Македонија е на прагот на сериозна загрозеност на придобивките од овој значаен реформски процес, поради доведувањето во прашање на со устав загарантираното право на граѓаните, правото на локална самоуправа, се посочува во апелот.

Од Министерството за локална самоуправа нагласуваат дека не треба да се заборави дека во реформата на локалната самоуправа и процесот на децентрализација на власта се вложени многу труд, енергија и средства од страна на домашните институции, но и од страна на Европската унија и земјите членки, преку голема донаторска поддршка која во континуитет трае до денес.

– Во изминатите шеснаесет години е направен голем напредок во функционирањето на локалната самоуправа што е забележано и во извештаите на Европската унија. Во општините се реализираат значајни проекти, а во исто време континуирано се работи на зајакнување на капацитетите на локалната администрација и обезбедување на современи и иновативни начини за испорака на локалните услуги, се наведува во апелот.

Според Министерството за локална самоуправа не смее да се дозволи политичката криза да го еродира процесот на децентрализација на власта, затоа што локалната демократија е основата на која се гради демократскиот капацитет на државата.

– Пред се треба да се има предвид интересот на граѓанинот кој што како даночен обврзник плаќа за услугите и треба да ги добие навреме и со најдобар можен квалитет, како и за остварувањето на неговото право да учествува во процесот на донесување на одлуки, се истакнува во апелот.

Но, како што велат од Министерството, не смее да се занемари ниту очекувањето на меѓународната донаторска заедница која што е исклучително присутна со својата поддршка во спроведувањето на реформите во локалната самоуправа и е загрижена за имплементацијата на постојните и планираните проекти.

– Имајќи го предвид горенаведеното, како министер за локална самоуправа и Министерството за локална самоуправа кое што е надлежно за обезбедување на услови за функционирање на системот на локалната самоуправа, апелираме до парламентарните политички партии и до сите надлежни институции, пред се до Собранието на Република Македонија и до претседателот на Собранието, Талат Џафери, да се вложат максимални напори и уште денеска да се најде начин за деблокирање на работата на органите на општините и на градот Скопје преку законско продолжување на мандатите на градоначалниците и на членовите на Советите, се до превземањето на функциите од страна на нивните наследници, избрани на фер, демократски и добро организирани и спроведени локални избори, се истакнува во апелот.

Елези апелира во овие моменти за функционирањето на локалната самоуправа и обезбедувањето на основните услуги за граѓаните, да не се губи време во долги преговарања за терминот на одржување на локалните избори, туку веднаш да се пристапи кон законски измени со кои што, пред се ќе се овозможи легално остварување на функциите на органите на општините и континуитет во испораката на локалните услуги.

Би можело да ве интересира

ЛДП предлага отповикување на градоначалници и широка расправа по однос на Законот за локална самоуправа

ВМРО-ДПМНЕ: Локалната самоуправа има три пати повеќе доверба од народот за разлика од власта

Пенов: Со изградба на стационар Владата го решава проблемот со бездомните кучиња во девет општини во Вардарскиот регион

Ана Ололовска

Пенов: Не сме задоволни од ангажманот на општините во прибирањето на сопствените средства

Ана Ололовска

Пенов: Со барањето за „заедница на албанските општини“ некој сака да лови политички поени

Ана Ололовска

Димитровски поднесе оставка од функцијата заменик-министер за локална самоуправа

Ана Ололовска