Антикорупциската платформа бара Собранието да го стопира законот со кој Фондацијата „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“ е изземена од Законот за јавните набавки

Од:

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата побара од Собранието веднаш да ја запре постапката за донесување на Предлог-законот за спроведување на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“, кој е поднесен по скратена постапка од група пратеници.

Според Платформата, предложеното законско решение отвора сериозни ризици од корупција, бидејќи предвидува Фондацијата „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, која ќе ја основа Град Скопје, да биде изземена од примената на Законот за јавните набавки. Законот денеска е на дневен ред на пленарна седница во Собранието.

Од организациите оценуваат дека фондацијата, која ќе се финансира од буџетски средства и од фондови на Европската Унија, по сите законски основи треба да има статус на договорен орган и да биде обврзана да ги спроведува јавните набавки согласно важечката регулатива.

„Значењето и обемот на проектот, како и значителните јавни средства што ќе бидат употребени за неговото спроведување, бараат повисоко, а не пониско ниво на транспарентност, отчетност и заштита од корупција“, наведуваат од Платформата.

Тие предупредуваат дека со предлог-законот не се предвидуваат само ограничени исклучоци за специфични авторски или уметнички услуги, туку целосно се исклучува системот на јавни набавки, вклучително и за набавка на стоки, услуги, опрема, инфраструктурни и градежни работи за кои постои пазарна конкуренција.

Платформата смета дека ваквото решение создава опасен преседан, бидејќи отвора можност и други проекти во иднина да бидат изземени од механизмите за контрола на јавните набавки.

Дополнително, тие укажуваат дека предлог-законот му дава големи овластувања на градоначалникот на Скопје при именувањето и разрешувањето на членовите на Управниот и Надзорниот одбор на фондацијата, без да бидат пропишани јасни критериуми, стандарди или транспарентна постапка за избор.

Според Платформата, проблематично е и тоа што Управниот одбор ќе ги усвојува плановите за набавки, ќе формира комисии, ќе одлучува за набавките и ќе постапува по приговорите, со што управувачките и контролните функции се концентрираат во едно тело, без независен механизам за жалба.

Организациите забележуваат и дека предлог-законот е поднесен по скратена постапка, без да биде објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), без јавна расправа и без спроведена антикорупциска проценка.

Поради тоа, тие бараат Собранието да го запре донесувањето на законот по скратена постапка, предлагачите да го повлечат и повторно да го достават на јавна консултација преку ЕНЕР, со спроведена процена на влијанието на регулативата и без одредби што отстапуваат од Законот за јавните набавки.

Истовремено, Платформата ја повика и Државната комисија за спречување на корупцијата да го разгледа предлог-законот од аспект на корупциските ризици и да достави мислење до Собранието и до јавноста.

Би можело да ве интересира

Левица: Бид Бук не е дозвола за набавка без тендери туку проектна апликација – Мицкоски ја манипулира јавноста за „Скопје 2028“

ВИДЕО: Гаши го тргна од дневен ред спорниот предлог-закон за „Скопје 2028“

СДСМ: Да се повлече законот за „Скопје 2028“, со него се легализира корупција и се заобиколуваат јавните набавки

Катерина Ѓуровски

Прескокнувањето системски закони е аларм за корупицја – Антикорупциска реагира за Законот за „Скопје 2028“

Катерина Ѓуровски

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата бара веднаш да се стопира иницијативата за измена на Законот за јавните набавки по скратена постапка

Филипче: Несоодветни се измените на Законот за јавни набавки, тоа е чекор назад