Најголем дел од македонските граѓани или околу 26 отсто на претстојните локални избори ќе гласаат за советничките листи на ВМРО-ДПМНЕ, покажуваат резултатите од истражувањето на Македонскиот центар за меѓународна соработка и Институтот за демократија (ИДСЦ).
На прашањето за која советничка листа ќе гласаат, 25,7 проценти се определиле за ВМРО-ДПМНЕ, 13,7 проценти за СДСМ, за ДУИ – 9,7 проценти, за ДПА – 5 проценти и за НДП – 1,6 проценти. Сите други 13 политички субјекти кои се појавуваат во резултатите на анкетата се со поддршка од под еден процент.
Резултатите од анкетата покажуваат дека и натаму со највисок рејтинг кај граѓаните меѓу политичките партии е ВМРО-ДПМНЕ со 26,6 проценти, СДСМ со 14,9, ДУИ со 9,9, ДПА со 5,6 и НДП со 1,5 проценти.
На прашањето, пак, во кој политичар имаат најмногу доверба, најголем дел од испитаниците се изјасниле за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски со 28,7 проценти, кој има убедлива предност пред лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски во кој веруваат 7,7 проценти. Лидерот на ДУИ Али Ахмети има поддршка од 7,5 проценти, Мендух Тачи од 4,3 проценти, а во Руфи Османи доверба имаат 1,5 проценти. Во ниту еден политичар не веруваат 28,9 проценти од испитаниците.
На анкетата било истражувано и расположението на граѓаните да излезат на претстојните локални избори што треба да се одржат на 24 март. Резултатите покажуваат дека околу 70 проценти од испитаниците се сигурни дека ќе гласаат на изборите, што е повеќе од претходните три изборни циклуси – 63,5 проценти во 2011 години, 54,6 проценти во 2009 и 49,8 проценти во 2005 година.
Истражувањето е направено преку телефонска анкета на 8 и 9 март годинава, на репрезентативен примерок од 1.095 испитаници. Анкетата е дел од проектот „Мојот избор“ што го спроведува Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) во соработка со Институтот за демократија (ИДСЦС), во рамки на проектот „Мојот избор“.