Во Македонија има помалку политичка корупција отколку пред четири години, а граѓаните ги перцепираат политичките партии како најкорумпирани, покажуваат резултатите од анкетата што ја спроведе Државната комисија за спречување на корупцијата и агенцијата Рејтинг.
Антикорупциска и ОБСЕ денеска организираа јавна дебата за презентација на резултатите од истражувањето на перцепцијата на граѓаните за корупцијата во политиката и квалитативна анализа за антикорупциските мерки во политичкиот сектор од Државната програма за превенција и репресија на корупцијата и судирот на интереси 2011 – 2015. Телефонската анкета е направена од 1 до 5 јули оваа година меѓу 1.080 испитаници.
Анкетираните граѓани, од кои 29 отсто се членови на политичките партии, немаат добро мислење ниту за партиите ниту за повеќето од лицата кои се носители на јавни функции. Клучниот наод, се вели во заклучоците од анкетата, се однесува на нискиот морал, високото ниво на распространетост и неказнивност на политичката корупција, како и ниската доверба дека постојат ефикасни мерки за нејзино справување.
Ѓорги Сламков, претседател на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) изјави дека истражувањето покажува висок степен на корупција кај политичките партии, но кога станува збор за Македонија веднаш до нив се судството, здравството, медиумите.
Станува збор, смета тој, за глобален проблем бидејќи во сите земји во регионот се покажало дека најкорумпирани се политичките партии.
– Има неколку проблеми, а тоа се тековното финансирање на политичките партии, финансирањето за време на изборна кампања, носењето закони по скратена постапка, лобирањето и слично. Станува збор за прашања кои се прецизно дефинирани и за кои ние предлагаме конкретни мерки, вели претседателот на ДКСК нагласувајќи дека сепак најзначајно е финансирањето на политичките партии за време на изборна кампања.
Над 56 отсто од анкетираните сметаат дека финансирањето на изборните кампањи на партиите во Македонија е главно или целосно нетранспарентно и нелегално, а повеќе од две третини или 68 отсто оценуваат дека партиите прилично или многу користат пари за корупција на избирачите.
Во заклучоците од анкетата се наведува дека впечатокот за високото ниво на нелегално финансирање на политичките партии кај испитаниците е директен резултат на фактот што е низок степенот на транспарентност на финансирањето и финансиското работење на политичките партии.
ДКСК има доставено до Собранието извештај со поголем број препораки за надминување на проблемите во поглед на финансирањето на изборната кампања.
– Дел од нив се прифатени, дел не се. Во моментов работна група во Министерството за правда работи на измени на Изборниот законик, а дел од препораките и денес ние ги бараме особено во поглед на наменската сметка за финансирање на изборите, изјави Сламков.
Од анкетираните 40 отсто од веруваат дека денес има помалку политичка корупција отколку пред четири години, 32 отсто сметаа спротивно и 26 отсто дека нивото на политичка корупција не се променило во изминатите четири години.