Свирепо убиство – ништо помалку од ова треба да биде обвинението со кое Јавното обвинителство треба да продолжи да ги гони суровите и бездушни убијци, убијци што безмилосно до смрт го претепаа младиот Никола Саздовски, член на навивачката група „Комити“. Правдата мора да биде истерана до крај. По секоја цена, напиша на „Фејсбук“ лидерот на Достоинство, генералот Стојанче Ангелов.
Според него, тоа е обврска на државните институции. „МВР ги пронајде убијците, двајца од нив веќе се во притвор, по третиот се трага и прашање на час е кога ќе заврши во притвор. Јавното обвинителство да обезбеди докази за преквалификување на делото во квалифицирано убиство, а судот да ги осуди убијците со најстрога казна. За никогаш повеќе да не ни се повтори. За никогаш повеќе ниту една мајка и ниту еден татко да не остане без своето чедо на ваков суров начин поради ваков нечовечен мотив.
На социјалните мрежи врие. Врие од тага, врие од бес, врие од омраза, врие од повици за одмазда. Но, да не заборавиме дека омразата раѓа нова омраза. Омразата се храни со омраза. Во овие тешки и болни моменти, кога безмалку целата држава тагува по Саздо, многу е важно да разграничиме дека Саздо не го убија Албанците. Саздо го убија злосторниците Б.Б., Ј.Љ. и С.Д. Три свирепи, злобни и сурови лица до смрт го претепаа Саздо.
Но, бесот, омразата и повиците за одмазда нема да го вратат Саздо. Напротив, може да доведат до смрт на некој друг млад човек. Затоа, апелирам до сите: Денес не е ден за ширење омраза, денес не е ден за заговарање одмазда. Денес е ден за жалење. Денес е ден за тага. Сите заедно да тажиме поради смртта на младиот Саздо. Да тажиме и да не заборавиме бидејќи време за акција има. Но, не одмаздничка акција, во која ќе настрадаат и други, туку акција со која ќе ја подигнеме општествената свест. Свеста дека омразата раѓа нова омраза. Свеста дека насилството носи ново насилство“, порача Ангелов.