„Еден ден ова лудило ќе заврши и прашање е на ден кога тоа ќе се случи“, рече претседателот на Достоинство Стојанче Ангелов кој вечерва пред МРТВ каде, како и вчера достави ЦД со снимките со „бомбата“ на опозицијата и јавно побара од уредниците на јавниот сервис да ги емитуваат во ударните вести.
Овојпат Ангелов преку пријавницата им испрати и одредби од кривичниот законик и од Уставот според кој вели на уредниците им следува од 6 месеци до 5 години затворска казна за злоупотреба на службена положба и за дезинформирање на јавноста.
Тој и овојпат побара да се сретне со раководството на МРТВ, но никој не му излезе во пресрет, ниту новинари се симнаа да го документираат настанот.
„Нема да ви успеат овие злобни игри и спинувања. Свестете се, ќе одговарате за своите кривични дела, тогаш кога Македонија ќе има свој суд. Ќе одговарате сите кои давате поддршка на овој режим. Ќе ве згазиме сите кои досега се криевте“, рече тој обраќајќи им се на некое како што рече фантомско здружение на инвалиди кои денеска се оградиле од него.
За објаснувањето од раководството на МРТ дека снимките од бомбата не се објавуваат затоа што се дел од кривична постапка тој рече дека тоа е идиотско тврдење.
„За тоа тврдење ќе добијат казна затвор. Во Македонија нема ни институции, вака не било ни во комунизмот. Судството е партизирано, телевизијата е партизирана, за какви институции зборуваат? Нека ги објават снимките народот да ги чуе или им страв народот да не им влезе во Собрание или во Влада. Ние имаме работа со бесни животни“, рече Ангелов.