Безбедноста на децата во дигиталниот простор е прашање што бара јасен, системски и одговорен пристап. Затоа предлагам да разгледаме модел кој ќе опфати забрана или строго ограничување на користење телефони за време на наставата, јасни исклучоци за образовни цели и унифицирани правила за сите училишта, како и видео надзор во училиштата според европски искуства, истакна министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.
На денешната јавна расправа на тема „Влијанието на употребата на социјалните мрежи врз младите и нивното ментално здравје“ што се одржа во македонското Собрание, министерот Андоновски нагласи дека во изминатиот период се евидентирани сериозни инциденти поврзани со социјалните мрежи и нивното влијание врз малолетниците и затоа потребни се конкретни мерки.
-Искуството покажува дека едукацијата мора да се надополни со јасни правила во училиштата и со ограничување на мобилни телефони во училиштата. Сѐ поголем број европски држави веќе воведуваат вакви мерки. Франција има законска забрана за користење на мобилни телефони во основните училишта. Во Холандија и Италија се применуваат строги ограничувања и насоки. Причините се јасни, намалување на дигитални дистракции, подобра концентрација на учениците, спречување на снимање и ширење на инциденти, намалување на притисокот од социјалните мрежи во училишната средина. Затоа во соработка со Министерството за образование и наука ќе предложам да разгледаме модел кој ќе опфати забрана или строго ограничување на користење телефони за време на наставата, јасни исклучоци за образовни цели и унифицирани правила за сите училишта. Целта е фокус, ред и заштита. Исто така ќе предложам воспоставување видео надзор според европски искуства. Прашањето за безбедност во училиштата вклучува и технички решенија. Во повеќе европски држави, видео надзорот се користи како превентивна алатка. Во Обединето Кралство, CCTV системите се широко користени во училиштата, со јасни правила за намена, пристап и транспарентност. Во Германија, пристапот е рестриктивен дозволен само во исклучителни случаи, со силен фокус на приватноста. Во Шведска, видео надзорот е можен, но само со дозвола и јасно образложение за безбедносен ризик. Фокусот е на превенција и на безбедност, а комбинацијата на овие фактори е клучна, посочи министерот Андоновски.
Пред учесниците на денешната јавна расправа, министерот за дигитална трансформација потсети на мерките кои ги спроведува Министерството за дигитална трансформација за поголема дигитална безбедност.
-Преку иницијативата MKSafeNet, започнавме да градиме структуриран пристап кон дигиталната безбедност и притоа се развија конкретни алатки и ресурси како што се Водич за родителска контрола со практични насоки за родителите за поставување ограничувања, филтрирање содржини и управување со дигиталното однесување на децата. Водич за е-безбедност во училиштата со јасни протоколи за превенција и постапување при онлајн ризици. Едукативни материјали за наставници со структуриран „текстбук“ пристап за интегрирање на дигиталната безбедност во наставата. Практични алатки и упатства за користење на parental control решенија и безбедносни поставки. Практични алатки и упатства за користење на parental control решенија и безбедносни поставки, нагласи Андоновски.
Од Министерството за дигитална трансформација информираа дека континуирано работаат на обуки за наставници и родители, ресурси според возраст, советодавни механизми за поддршка, воспоставување национален центар за безбеден интернет.
