Анализа: Институциите купувале ракавици по цена повисока и од онаа во аптеките

Од:

Во 44 отсто од случаите кога јавните институции вршеле набавки за заштита и превенција од коронавирусот, се преговарало само со една компанија, покажува анализата на Центарот за граѓански комуникации.

Маските, ракавиците и скафанедерите имаат шареноликост во цените, а во секој петти договор за јавна набавка не се објавувале ниту количините на набавените производи, ниту пак поединечните цени, покажува анализата.

За итните јавни набавки поврзани со заштита и превенција од ширењето на заразата од коронавирусот, од почетокот на март до 20 април склучени се 71 договор во вкупна вредност од 1,5 милион евра.

„Иако во мониторираниот период е зголемен бројот на објавени договори за итните набавки, сепак дел од институциите и натаму не ги објавуваат известувањата за склучен договор и самите договори“, стои во извештајот на Центарот за граѓански комуникации.

Најголема поединечна набавка досега е онаа за респираторни машини, за која се потрошени 909 илјади евра.

„Специфичноста на оваа набавка е што се објави јавен оглас во којшто се бараа понуди во рок од три дена, со однапред утврдена максимална цена од 25.000 евра по машина (без давачки) и максимален рок на испораката од 30 дена. Добиени се девет понуди, од кои седум се отфрлени поради неисполнување на рокот на испораката, цената или други услови од повикот“, велат од Центарот.

Проблем претставува  и тоа што значаен дел од институциите преговараат само со една фирма пред да ги склучат итните договори.

„Конкуренцијата во итните набавки е единствената гаранција дека добиените понуди се реален одраз на состојбите на пазарот“, се вели во извештајот.

Кај фирмите, најголеми се договорите за респираторните машини, по што следат трите фармацевтски компании – Алкалоид, Д-р Пановски и Еуро-фарм.

Најголема поединечна вредност на еден договор и, воедно, фирма со највреден договор е Соникс Анастасија ДООЕЛ од Скопје, за 26-те од набавените 31 респираторна машина. Следна е втората фирма, која обезбеди 5 респираторни машини, Винора ДООЕЛ Скопје.

Некои набавувале скафандер за 177 денари, а некои за 485 денари

Во однос на опремата, Центарот утврдил дека се набавува најразлична опрема – двослојни или трослојни заштитни хируршки маски по цени од 30 до 45 денари, преку заштитна маска N95 со цени од 200 до 340 денари, респираторни маски FFP3 со цена од 177 денари и респираторни маски N95 кои чинат од 66 до 97 денари, па сè до платнени маски по цена од 35 денари и хируршки маски со визир по цена од 53 денари.

„Шареноликост постои и во однос на скафандерите, па некои купуваат од оние за еднократна употреба, за кои плаќаат од 177 до 485 денари, а други купуваат скафандери за повеќекратна употреба, по цени од 1.180 денари. Кога станува збор за прегледните ракавици за еднократна употреба, забележана е значајна разлика во цените: од 1,76 денари до 4,70 денари. Малопродажната цена за овие ракавици е главно 3,5 денари и произлегува дека одредени институции ги купуваат по цени што се повисоки и од малопродажните“, се вели во извештајот.

Таму се додава дека недостигаат информации во однос на најавена набавка на 2.000 маски од страна на Владата. Имено, јавниот повик за интервентната набавка на маски е објавен на веб-страницата на Владата на 23 март 2020, додека Уредбата за интервентна набавка на заштитни маски е донесена на владина седница на 1 април.

„Оттука нејасно е дали претходно објавениот повик е поништен и доколку е така, каде и кога е објавен новиот повик за оваа интервентна набавка. Информации за овој повик, како и за текот и епилогот на оваа интервентна набавка не се објавени ниту на веб-страницата на Владата, ниту на Електронскиот систем за јавни набавки“, пишува во извештајот.

Од Центарот за граѓански комуникации апелираат дека државните институции треба транспарентно да ги објавуваат сите одлуки за избор и склучените договори.

„Вонредноста на состојбата, општиот недостиг на неопходните производи и брзината со која се спроведуваат набавките го зголемуваат ризикот од корупција при примената на оваа, и онака нетранспарентна постапка за јавна набавка. И добавувачите, знаејќи дека институциите се во тесно и немаат голем избор, можат да го искористат овој период за зголемување на цените над вообичаените и реалните. За да се стесни просторот за можна злоупотреба на и онака скромните јавни ресурси, потребно е да се вложат максимални напори за зголемување на транспарентноста, отчетноста и рационалноста на овие набавки“, пишува во извештајот.

Би можело да ве интересира

Скопјани имаат најголеми, а жителите на Крушево најмали можности за здравствена заштита

Катерина Ѓуровски

Во спортките клубови завршиле над 90 отсто од парите на општините наменети за невладини организации

Орце Костов

Власта и општините не крателе од плати и патни трошоци туку од граѓаните за да ги покријат расходите во кризата

Општините и училиштата ги издаваат салите и терените нетранспаренто, без криетриуми, некогаш и без надомест

Катерина Ѓуровски

Пад на вредноста на општинските тендери во 2022 година за една третина

Општините потрошиле 770 илјади евра за прскање против комарци

Катерина Ѓуровски