Како што вообичаено е случај во Северна Македонија, преговорите за формирање на идната владина коалиција по парламентарните избори одржани на 15 јули, најверојатно ќе бидат долги и сложени, оценува турската агенција Анадолија во својот осврт на изборите во земјава.
Според агенцијата, математички се можни три сценарија, кои би имале различни импликации врз иднината на земјата.
– Првото и најверојатно сценарио е победниците во македонскиот и албанскиот камп, односно СДСМ и ДУИ, да се здружат и да формираат коалиција. Изводливоста на оваа опција, сепак, ќе зависи од подготвеноста на Беса да коалицира со ДУИ, имајќи предвид дека од секој аспект Беса е опозит на ДУИ, но и од спремноста на ДУИ да отстапи од ветувањето за прв албански премиер, оценува Анадолија.
Според авторот на текстот, учеството на ДУИ во ваквата влада „ќе ги намали шансите за каква било значајна реформа во воспоставување на владеење на правото и во борбата против неконтролираната корупција и заробената држава.
– Второто сценарио е коалицијата СДСМ-Беса да се здружи со коалицијата на Алијансата за Албанците и Алтернатива, со екстремно левичарската Левица и со ДПА. Иако, попожелна поради здружувањето на двете прозападни реформски коалиции, надминувањето на разликите при ваквата опција ќе биде потешко отколку кај првото сценарио, наведува агенцијата.
Според Анадолија, сепак малку е веројатно дека ДУИ ќе прифати да биде изоставена од владејачката коалиција имајќи предвид дека е „победник во албанскиот камп“, а исто така ќе биде тешко да се убеди екстремистичката Левица да учествува во една прозападна реформска коалициска влада.
– Третата, последна и најмалку веројатно опција е ВМРО-ДПМНЕ да формира коалиција со ДУИ, Левица и ДПА, се наведува во текстот.
Авторот на анализата смета дека ова е најлошото сценарио поради неговите импликации врз евроатлантската иднина на земјата, имајќи предвид дека „во текот на нивните претходни осум години непрекинато владеење од 2008 до 2016, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ западнаа во неконтролирана корупција и доведоа до заробеност на државата“.
– Евроатлантскиот пат на земјата беше успорен од прорускиот став на ВМРО-ДПМНЕ и партискиот антички популистички проект, што својот врв го достигна со екстравагантниот проект за урбана обнова „Скопје 2014“. Поради овие причини, веројатно ќе има силен меѓународен притисок да не дојде до оваа опција, се оценува во анализата на Анадолија.
Агенцијата смета дека ако СДСМ-Беса и ДУИ не успеат да се договорат за формирање на нова влада, најверојатно ќе следат предвремени парламентарни избори.
– Сепак, дури и ако биде формирана коалициска влада СДСМ-Беса-ДУИ, шансите за значајни реформи се слаби, имајќи го предвид учеството на ДУИ во неа и тесното мнозинство на коалицијата во Собранието, се заклучува во анализата.