На граничните премини можни се подолготрајни задржувања за влез и за излез од државата од вообичаеното време, информира Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ).
Според АМСМ, сообраќајот на сите магистрални и регионални патни правци низ државата се одвива непречено, по суви и чисти коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е со зголемен интензитет поради празничните денови.
АМСМ соопштува дека е нормализиран сообраќајот на патниот правец Р-504 Ресен-Охрид преку националниот парк Галичица.
На патниот правец Гостивар – Кичево на 1,5 километар пред Стража се врши реконструкција на мостот и таму сообраќајот е затворен за тешки товарни возила над 7,5 тони, како и за автобуси. Сообраќајот за тие возила се пренасочува преку патниот правец Маврово – Дебар – Струга. Можни се повремени кратки застои во одвивањето на сообраќајот.
На патниот правец Гостивар-Маврово во близина на Ново Село поради реконструкција на мост, сообраќајот се одвива наизменично по една коловозна лента регулиран со семафори.
Патниот правец Р-103 Неготино-Радовиш односно Неготино – Штип преку Лакавица, поради оштетување на мостот бр.9 преку реката Вардар, целосно е затворен за сите видови сообраќај, како и за пешаци. Поради тоа сообраќајот е пренасочен преку патниот правец Неготино – Криволак – Пепелиште и тоа само за лесни возила.