Американски доктори ќе им помагаат на македонските специјалисти за поквалитетни здравствени услуги

Од:

Петнаесет до 20 американски доктори ќе дојдат во Македонија за да работат со македонските доктори во областите: кардиологија, неврологија, онкологија, гинекологија, педијатрија и офталмологија, со цел трансфер на знаења и вештини. Докторите ќе прегледуваат пациенти во хируршките области и ќе оперираат и на тој начин ќе извршат практичен трансфер на знаења и вештини.

Oва е предвидено со Меморандумот за разбирање кој денеска го потпишаа министерот за здравство Никола Тодоров, претседателот на Лекарската комора на Македонија, Кочо Чакаларовски и директорот на американската непрофитна организација „Линка Крос“, Клеј Батмаер, преку која ќе се овозможи носењето американски доктори. Станува збор за проект кој првпат во ваков обем ќе се спроведе во Македонија.

Министерот Тодоров рече дека проектот ќе почне во јануари кога ќе дојдат првите доктори, по првата година ќе има евалуација на проектот да се утврдат бенефитите и ако е успешен тој ќе продолжи и ќе трае до крајот на 2015 година.

– Министерството за здравство ќе изврши покривање на дел од трошоците за едукација кои се во висина од една десетина од вкупните трошоци. Останатиот дел ќе биде донација од Линка Крос и од докторите. Договорено е ние како Министерство да надоместуваме 400 евра неделно, односно 800 евра за престој. Најкраткиот престој на докторите ќе биде минимум две недели. Дел од докторите ќе останат и три месеци во Македонија, истакна Тодоров.

Лекарската комора, посочи тој, ќе овозможи докторите непречено и согласно Законот да ги изведуваат интервенциите во Македонија.

– Министерството за здравство постојано е посветено на реализација на проектот за континуирана доедукација на докторите во Македонија со цел да овозможи подигнување на нивото на квалитет на здравствени услуги во јавното здравство, но и оптимална искористеност на новата медицинска опрема, додаде министерот Тодоров.

Директорот на „Линка Крос“, Клеј Батмаер рече дека еден развиен здравствен систем се темели на четири столба: добра инфраструктура, современа опрема, врвен талент и соодветни вредности, ставови и процеси.

– Сметам дека преку оваа размена на искуства меѓу американските и македонските специјалисти ќе работиме токму на третиот и четвртиот столб, односно ќе помогнеме македонските специјалисти да станат уште поврвни од технички аспект во одредени области. Нашата мисија е унапредување на здравството преку соработка со стратешки партнери и поврзување на локални можности со глобални ресурси. Очекуваме многу успешна соработка, истакна Батмаер.

Ќе дојде и еден американски доктор, додаде Батмаер, кој за овој проект има искуство во повеќе од 40 земји за доедукација на доктори.

Претседателот на Лекарската комора на Македонија, Кочо Чакаларовски посочи дека една ваква организирана активност за доедуцирање на кадрите и совладување нови техники во областа на оперативата ќе значи многу за докторите.

– Многу средства се одливаат од Фондот за здравствено осигурување за спроведување и давање здравствена заштита на наши осигуреници надвор од границите на земјата. Многу е поекономично ако ние како лекари се оквалификуваме базирајќи се на овие четири столба и тука да си ги завршуваме работите, и да има помалку испраќање на наши осигуреници за пружање здравствена помош надвор од границите на државата, рече Чакаларовски.

Тој истакна дека Лекарската комора има свој Правилник каде ќе ја верифицира стручноста на лекарите кои ќе доаѓаат од САД независно од тоа колку се тие афирмирани во земјата и ќе биде обработен нивниот курикулум и ќе се знае точно за какви експерти се работи.

– Лекарската комора се откажа и од своите надлежности кога се работи за странец кој доаѓа да работи во државата заради тоа што се работи за странци кои не доаѓаат да заработат во нашата држава. Тие се откажуваат и од своите надлежности кои се десет пати поголеми од оние кои ги добиваат во залог за еден алтруизам да и се помогне на Македонија и здравството да стане уште поквалитетно, додаде Чакаларовски.

Би можело да ве интересира

Времено отстранети двајца доктори од Детска клиника, за кои се води дисциплинска постапка за смртта на 14-месечното бебе

Предраг Петровиќ

Укината забраната: лекарите од приватното ќе може да се вратат во јавното здравство

Катерина Ѓуровски

Зголемување над 60 проценти на болни од Ковид-19, регистрирани 271 случај минатата недела

Предраг Петровиќ

Демири го разреши директорот Шокаровски поради висока смртност на Кардиохирургија

Анита Петровска Рајковиќ

Вработените во здравството ќе протестираат на 8 април, нема да добијат усогласување со минималната плата

Протест на лекарите специјализанти, во тек состанок со претставници на Министерството за здравство