Студентите петта година по ред „застанаа“ на Станица:Студентска 5.0 да го посетат саемот на организации, предавањата и работилниците. Настанот одржан во Јавна Соба го посетија над 200 студенти кои беа дел од програмата организирана од Младински образовен форум во соработка со дваесетина организации. Во рамките на саемот, своите активности ги промовираа над дваесет организации и се одржаа едукaтивни предавања на теми од физика, биологија, волонтерство, практиканство, психологија, право и уметност.
„Целта на Станица:Студентска е вмрежување и промоција на студентските и младинските организации, поттикнување на студентите да членуваат во организациите и обезбедување предавања кои третираат теми корисни за нив. Секоја година вклучуваме нови организации на саемот и нудиме различни теми за кои студентите не можат да се едуцираат во рамките на нивното студирање. Годинава за прв пат ќе имаме и чил зона со игрите од детството – борд и конзолски игри.“ – вели Мартина Илиевска, дел од организаторите.
Предавањата беа фокусирани на теми кои студентите не ги изучуваат во формалното образование а се предизвик и дополнување на нивното знаење. Професорките Маја Стевановиќ и Зоја Бузалковска зборуваа за новите форми на фашизмот, Марко Кртолица, соработник на Правниот факултет „Јустинијан Први“ одржа работилница за подемот на радикалната десница во Европа, додека професорот Драги Рашковски едуцираше за регулацијата на интернет и заштита на личните податоци. Ивана Петковска од Учиме право програмата на МОФ предаваше за заштита од тероризам и правната рамка со која се спречува финансирање на тероризам.
Преку работилниците за „crowdfunding“ на Иван Јованов и Илија Станковски, работилницата за курсеви на БЕСТ Скопје и работилницата за меѓународно волонтерство за млади, посетителите научија да пишуваат CV, успешно да ги реализираат своите идеи и кои се можностите за едукација во странство. Едукаторите од ХЕРА дадоа осврт на темите за кои не се зборува често а потребно е да се справиме со нив – насилство, односи и врски. Посетителите преку Истражувачкото друштво на студенти биолози слушаа за предаторот во македонските шуми – рисот, а преку Македонското друштво на студенти физичари полемизираа за научната фантастика и наука. Стресот како проблем на модерното време беше опфатен од Здружението на студенти по психологија „Психеско“ кои ги научија посетителите што е стрес и кои се техниките за справување.
Заедничка редакција на млади новинари водена од Радио МОФ го следеше настанот, известуваше и правеше интервјуа со предавачите и членовите на организациите. Покрај едукативниот дел имаше и chill zone за одморање и играње на борд и конзолни игри. „Станица: Студентска“ цели да ги промовира студентските и младински организации, да ги поттикне студентите да станат активни чинители и да отвори теми од нивен интерес. Настанот е во организација на МОФ, а поддржан од програмата Цивика Мобилитас.