Алтернатива денеска треба да донесе конечна одлука за влез во Владата

Од:

Дефинитивната одлука дали партијата на Африм Гаши, Алтернатива, ќе биде дел од Владата ќе биде донесена вечер на седница на највисокото партиско тело – Централен совет. На средбата закажана за вечер во 19 часот во седиштето на партијата во Тетово, како што најави партискиот портпарол Орхан Муртезани, ќе биде донесена конечна одлука, а повеќе информации ќе има на прес-конференција по завршувањето на седницата.

На состанокот на Централниот совет на Алтернатива му претходеа три средби на Гаши со премиерот и претседател на СДСМ во оставка Зоран Заев на кои се дискутираше за учество на Алтернатива во Владата и поддршка на парламентарното мнозинство од нивните четворица пратеници.

По последната средба што се одржа во средата, од Владата соопштија дека се очекува до крајот на оваа недела да се остварат потребните консултации во СДСМ и Алтернатива и да се обезбеди потребното усогласување со цел постигнување договор за можна заедничка влада.

Разговорите за евентуално ново парламентарно мнозинство и за влез во Владата на Алтернатива уследија по неуспешната иницијатива во Собранието од страна на опозицијата за гласање доверба на Владата и повлекувањето на Беса од владиниот кабинет. И Алтернатива беше дел од опозицискиот блок потпишан за гласање недоверба на Владата, но Централното претседателство на партијата минатиот петок го овласти Гаши да почне разговори со сите политички актери, со премиерот и со евентуалниот нов мандатар за да се види каков е нивниот концепт за излез од политичката криза.

На седница на Централниот одбор на СДСМ, што се одржа истиот ден, беше констатирана оставката на Заев од лидерската позиција во партијата што ја даде лошите изборни резултати на локалните избори, но му беше даден легитимитет да ги води преговорите за парламентарно мнозинство. СДСМ ќе избира нов лидер на конгрес на 12-ти месецов, а за истиот ден конгрес претходно закажа и опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Заев во изјава пред една недела за тоа дали во овој момент ќе се повлече од премиерската функција а оставката ќе ја депонира во Собранието или пак ќе го послуша барањето на неговиот коалициски партнер ДУИ својот мандат да го заврши до 2024 година посочи дека сè ќе зависи од преговорите со Алтернатива и со Бугарија.

Би можело да ве интересира

Азизи: Владата вонредно заседаваше, донесена одлука да се позајмат на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата

Град Скопје: Ја поздравуваме одлуката на Владата

Нафта од државните резерви за Градот Скопје за решавање на проблемот со автобусите

Вонредна седница на Владата за проблемот со јавниот превоз во Скопје

Левица: Трошокот за унгарски кредит Владата го префрла врз грбот на гараѓаните

Катерина Ѓуровски

Меџити: Нема логика за предвремени избори кога има стабилна влада