Носителот на кандидатската листа за пратеници од ДУИ во Втората изборна единица Ејуп Алими на прес-конференција рече дека еден од условите на неговата партија за формирање на идната Влада е одлучување со консензус за економските прашања. меѓу кои и консензуално донесување на Буџетот.
– ДУИ има одлучено да биде на чело на Комисијата за економски прашања, преку која ќе ги контролира на директен начин сите економски одлуки на Владата. Ќе го води Советот за рамномерен развој, гарантирајќи го понатаму балансот кон економската рамноправност, рече Алими.
Консензуалното одлучување ќе биде нивни приоритет за постигнување на целосна фискална децентрализација затоа што, како што рече, општините честопати знаат подобро од Владата каде треба локално да се инвестира за доброто на нивните граѓани и за тоа треба да им се даде автономија.
– Ние ќе ја условиме идната влада да има консензуално одлучување и за Буџетот на Агенцијата за државни патишта. Инфраструктурата е елемент кој влијае на директен начин на развојот на албанските зони… Бараме кога ќе се делат развојните проекти, кога ќе се одлучува за буџетот, кога ќе се донесуваат закони кои поминуваат во Влада или во Парламент, да не се одлучува со надгласување, туку со консензус. Само на овој начин ќе можат да се штитат економските интереси на Албанците, само на тој начин ќе можеме да имаме рамномерен регионален развој, додаде Алими на прес-конференцијата.