Алијанса за Албанците: ЕУ ја демаскира пропагандата на Владата СДСМ-ДУИ: Заев два пати по ред одбиен за отворање преговори

Од:

Вчера, Советот на министри на Европската унија ги демаскираше едногодишните лаги на владата СДСМ-ДУИ со одбивање по втор пат по ред во владеењето на Заев, да одлучи во корист на отворање на преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ, вели Алијанса за Албанците преку соопштение.

„Немањето одлука од земјите членки на ЕУ, несомнено е очајничка вест за граѓаните на Северна Македонија кои скапо ги плаќаат последователните неуспеси на оваа власт. Но, ваквиот тек беше очекуван и најавен постојано од страна на Алијансата за Албанците, уште од почетокот на пропагандната кампања на владата СДСМ-ДУИ во јуни минатата година, дека државата добила датум за почеток на преговорите.

Причините за одбивање, на граѓаните им се повеќе од јасни. Тие се однесуваат на тоталниот неуспех на владата СДСМ-ДУИ во спроведувањето суштински реформи за враќање на владеењето на правото, борбата против корупцијата и департизација на јавната администрација.

Овие потфрлувања се потврдени во последниот извештај на ЕК за напредокот на земјата, во кој се наведува дека нивото на корупција останува загрижувачко, а судството и јавната администрација продолжуваат да бидат заробени од политиката.

Имено, многу добро се знаеше дека земјите членки нема да се согласат да и ги отворат вратите на ЕУ на една држава која не покажува политичка волја за спроведување на основните европски принципи на владеењето на правото. Пред една недела, холандскиот министер за надворешни работи посочи дека Северна Македонија и понатаму се соочува со сериозни проблеми во владеењето на правото и во борбата против корупцијата. Пред Советот на министри, француската влада нагласи дека проширувањето на ЕУ се базира на ригорозни критериуми и докажани резултати од земјите кандидатки без претходно дефинирани временски ограничувања.

Во овие околности, заклучоците на Советот привремено го одбија започнувањето на преговори и ја одложија конечната одлука до на есен. Со оглед на акцентот ставен на заклучоците на Советот во адресирањето на структурните недостатоци во областа на владеењето на правото, независноста на судството, борбата против корупцијата, како и реформите во јавната администрација, не се исклучува можноста за повторно одложување на одлуката на Советот на ЕУ ако не се случи драстична промена во Северна Македонија.

Владата СДСМ-ДУИ, која веќе една година постојано ги лаже граѓаните дека земјата добила датум за преговори со ЕУ, е целосно делегитимирана. Уште повеќе загрижува фактот дека Владата продолжува да лаже бесрамно, прикажувајќи го вчерашното одбивање како успех, со што покажува дека нема политичка волја за донесување на храбри одлуки за враќање на владеењето на правото пред новиот рок определен од страна од Советот на ЕУ.

Повеќе од било кога, решение се изборите. Само нови избори можат да донесат вистинска реформистичка влада ослободена од хипотеките на режимот ВМРО-ДУИ, која ќе добие датум за преговори за членство на земјата во ЕУ.“, се наведува во соопштението на партијата.

Би можело да ве интересира

АА: Судот ги прифати жалбите на Таравари, предметот вратен на повторно судење

Горан Наумовски

Алијансата за Албанците: Судовите под контрола на „Луј Витон“ подароците

Џафери: Ако има договор на лидерската, разрешувањето на Јанева и законот за ЈО на седници уште утре

(ВИДЕО) Села: Заев да поднесе оставка и веднаш да се формира експертска влада

Ана Ололовска