Припадниците на Единицата за прв одговор и интервенција – Алфа во текот на минатиот месец при вршење на редовна мотопатролна дејност вкупно легитимирале 1.428 лица, извршиле преглед на 18 патнички моторни возила, а по разни основи привеле вкупно 221 лице, информира МВР.
– Од нив, по основ на телеграма приведени се 38 лица, по потраги, гласник и наредба од Основен суд пет лица, под сомнение за извршено кривично дело 19 лица, 24 по извршено кривично дело, на лице место во вршење на кривично дело биле приведени 11 лица, за издржување на казна затвор 10 лица, за утврдување на идентитет четири лица и за недозволени предмети приведени се четири лица, соопшти МВР.
Оттаму посочуваат дека поради реметење на јавен ред и мир вкупно се приведени 37 лица, за учество во тепачка 12, за физички напад четворица, еден е приведен за омаловажување полициски службеник, поради комар или други игри на среќа приведени се 14 лица, за напад на службено лице еден, додека петмина се приведени за останати прекршоци.
За поседување опојни дроги приведени се 38 лица, од кои за непозната тревкаста материја 30, за прашкаста материја седум и за течност едно лице. Вкупно приведени лица со патничко моторно возило има 27, од нив 24 се приведени по телеграма, двајца за сообраќаен прекршок и еден за сторен царински прекршок. Заради непоседување соодветна документација за товар приведено е едно лице со товарно моторно возило, а за немање соодветна документација две лица со мотоцикл.
Единицата Алфа асистирала при вршење претрес на дом и други простории кај 11 лица, а водено предала двајца сторители на кривични дела, 24 лица поради нарушен јавен ред и мир, 33 за сторен сообраќаен прекршок, 293 странци со нерегулиран престој, двајца малолетници и шест лица поради останати случаи. Алфите пронајдоа и предадоа и две патнички моторни возила и еден предмет кои потекнуваат од кривично дело, а извршија и две обезбедувања на лице место.